Со ставањето на цените под „гаранција“, на храната и пијалаците, домаќинствата месечно ќе заштедат, во просек, до 2.500 денари, пресметале во економија
Царинските давачки за овошје и зеленчук се намалуваат од 65 на десет проценти. Последната владина одлука не ги опфаќа доматите, краставиците и пиперките, односно за нив тоа ќе важи од први декември, за да им е остави простор на домашните земјоделци, објави министерот за економија, Крешник Бектеши, посочувајќи дека е добро тоа што има зголемување на извозот на земјоделски производи, но примарен треба да е домашниот пазар.
„Нашите трговци повисоки цени добиваат во соседните земји и преферираат да продаваат надвор од државата, со што ние два пати губиме. Недостигот го надоместуваме со увоз, за што се плаќа царина од 65 проценти. Така, пиперките наместо сто, чинат 165 денари без трговските маржи. Ние сакавме да ги заштитиме граѓаните и затоа ги донесовме овие мерки“, изјави Бектеши на ТВ 24, упатувајќи им апел на трговците да не ги извезуваат производите наменети за домашниот пазар.
Одделни земји се соочуваат со недостиг на овие производи, па поради профит трговците со овошје и зеленчук се определуваат за извоз, а „ние не сакаме да субвенционираме граѓани на други држави“, нагласи Бектеши. Притоа, додаде, мерката првично се презема за земјоделците, но и за граѓаните, со цел да имаат пониски цени од тие во регионот.
Инаку, во текот на изминатите денови, просторот на кои вообичаено се изложени овошјето и зеленчук, беше речиси празен. Токму поради извозот.
Исто така, рече министерот, се зголемуваат и дозволените квоти за увоз на јужно овошје, информираше министерот, па се очекува да се намалат и нивните цени. Како што наведе, зголемени се квотите за лимони, портокали, мандарини.
Што се однесува до трговците, има некои што и натаму се оглушуваат на владините одлуки.
Првите пет маркети кои беа затворени од Државниот пазарен инспекторат почнаа со работа, а катанците веќе ги користи втора петорка. Непочитување на владините одлуки се детектирани кај пет маркети од Куманово, Кавадарци, Тетово и Гостивар. Не ги намалиле цените на производите.
Од ДПИ постојано укажуваат дека инспекторите се активни на терен и ги повикуваат трговците да се адаптираат, односно да ги почитуваат одлуките.
„Нема компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните“, дециден е директорот на ДПИ, Горан Трајковски. порача првиот човек на инспекторатот.
По прехранбените артикли, и безалкохолните пијалаци и пивата се ставија под „гаранција“. И за нив важи – минимум дестпроцентно поевтинување, со тоа што основа се цените што важеле на 19 септември. Со сето ова, според анализите на Министерството за економија, домаќинствата месечно ќе заштедат, во просек, до 2.500 денари.
За целосно спроведување на владините одлуки важна е соработката на граѓаните. Оттаму и препораката до нив, забележаните неправилности да ги пријавуваат на телефонскиот број 02/191, во Државниот пазарен инспекторат.