ПОВЕЌЕ

    Граѓаните играат игри на среќа, Државната лотарија на големо ги изигрува уплатените пари

    Време зa читање: 6 минути

    Со извршената ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година, утврдени се сериозни неправилности кои се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, поради што постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.

    Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, за 2024 година, при што се воздржа од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

    Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (746.970 евра), но не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.

    Во текот на 2024 година друштвото само во два наврати извршило уплата на име „дневен пазар” и тоа: во април 2024 година уплатени се 36.364 илјади денари и на крајот на 2024 година уплатени се 15.427 илјади денари. При тоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово „дневен пазар”, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото.

    Наведената состојба била овозможена од повеќе причини. Не е воспоставена пракса да се води посебна книга на благајна (благајнички дневник), за секој ден во кој е остварен промет, со впишани трансакции по редослед на настанување, ниту да се изготвува соодветна документација како потврда за извршената трансакција (предавање на готовина) поради што не е овозможено нивно следење и евидентирање во моментот на настанување и не постои прегледност во остварениот дневен пазар.

    Истовремено, не се воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, а пред се недостасува разграничување на надлежностите меѓу вработените и следење и контрола на трансакциите во процесот на продажба и евидентирање и уплата на дневен промет од продажба.

    Иако во Правилникот за систематизација на работни места предвидени и пополнети се работни места благајник и шеф на сметководство во Сектор за финансии и сметководство, поголем дел од работните активности кои се однесуваат на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање ги извршувало едно лице директорот на Секторот за финансии и сметководство. На ова се надоврзува и околноста што во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности. Наведеното, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства.

    Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер¹.

    За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување.

    За евидентираните одливи (36.465 илјади денари) и приливи на парични средства (7.897 илјади денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна. За потврдување на оваа состојба од страна на ревизорите обезбедени се изјави од вработените лица во друштвото, со тврдење дека за наведените износи не се примени, ниту вратени аванси во Секторот за финансии и сметководство, што упатува на сомнеж за нерегуларности поврзани со можна злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.

    Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот on-line систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, како и податоците од on-line платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490 илјади денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства.

    Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on-line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.

    За 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизорите утврдиле дека: нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност од неосновано присвојување; набавките се вршеле 2-15 месеци пред одобрување на правилата од страна на Министерството за финансии, со што пред време се трошеле парични средства и не се евидентирани трошоци за набавка на предмети во износ од 35.395 илјади денари за 2024 година и 37.424 илјади денари за 2023 година, а за еден случај не се искажани обврски во износ од 23.264 илјади денари.

    Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми во износ од 220.823 илјади денари, односно 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.

    Извештајот на ревизорите е обемен поради долгиот список на детектирани неправилности.

    Што се однесува до менаџментот на оваа државна институција, како што е наведено на нивната веб-страница, Управниот одбор го предводи проф. д-р Александар Климовски, кој е и генерален директор, а во составот се Ахмет Мифтари, заменик претседател и заменик генерален директор, како и членовите Клементина Брзаковска, Маринела Зафирова и Коста Трифуновски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично