Некогаш било предградие до кое, како попатна станица до Охрид, се стигнувало со легендарното вовче нарекувано Пампурче или Ќиро. Денес е општина во развој. Но, се вели дека оттогаш останало жителите на Ѓорче Петров да кажуваат – одиме во град, мислејќи на Скопје.
Оваа е една од ретките општини во Македонија каде што населението не само што не се намалува, туку и се зголемува. Тоа го покажуваат податоците од пописот, според кои, во 2021 година биле регистрирани 44.844 жители, за 7,7 насто повеќе отколку во 2002 година. Веројатно, голем придонес за тоа има локалната економија. Општината со име на еден од најголемите македонски револуционери е седиште на бројни компании од повеќе индустрии: градежната, хемиската, текстилната, прехранбената, металопреработувачката… Тука се и занаетчиството, услужната и трговската дејност.
Сликата за успешноста на бизнисите се добива од анализата што порталот Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, ја направи за работењето на најдобрите компании во 2024 година. Резултатите се солидни. Десетте компании со највисоки приходи имаат заедничко остварување од 125,4 милиони евра, што претставува раст од 14,2 насто во однос на 2023 година. Десетте најпрофитабилни фирми ја зголемиле добивката за 78,6 насто достигнувајќи 17,5 милиони евра. Десетте најголеми работодавачи обезбедуваат плата за 1.290 лица.
НАЈПРИХОДНИ СЕ КОМПАНИИТЕ СТАРОСЕДЕЛЦИ
Во сегментот приходи, сите бројат милионски суми, вклучително и едната компанија којашто во овој сегмент запишала минусна промена. Опсегот е од 9,2 милиони до 19,3 милиони евра.
Најголем дел од приходите, кои сочинуваат 40 насто од вкупните приливи, доаѓаат од староседелците со повеќедецениска деловна традиција. Фабрика Карпош, основана во 1948 година како претпријатие од републичка важност, лани имала приход од 19,3 милиони евра. Семејниот бизнис што опстојува 35 години под името Центро Унион и го има брендот Фаворит, направил промет од 16,7 милиони евра. Најстариот меѓу нив ‒ ТГС Технички гасови, кој зад себе има стаж од 86 години, ја заокружил 2024 година со 14,7 милиони евра.
Со најголем позитивен пресврт од речиси 97 насто може да се пофалат во компанијата којашто од 1952 година управува со пазарите низ главниот град, а денес изнајмува деловен простор. Скопски пазар успеал приходите од 6,2 милиони евра (2023 година) лани да ги зголеми на 12,1 милион евра.
Единствената со пад на приходите (‒ 20,19 %) е Тритерол петрол, која со износот од 9,3 милиони евра е деветта на листата топ 10. Фирмата е сопственост на бизнисменот Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино, кој е осомничен како еден од организаторите на злосторничкото здружување за даночно затајување во случајот Синџир. Речиси две години е во бегство, но како што неодамна известија медиумите, редовно добива тендери за набавка на нафта и нафтени деривати. Податоците од Бизнис Мрежа велат: има склучено вкупно 579 договори вредни над 26 милиони евра. А само минатата година добил 91 тендер во вредност од 3,3 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
НЕМА ПРОФИТ ПОД ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА
Добивките на пет од десетте најпрофитабилни компании се од 1 до речиси 7 милиони евра. Најмала е заработката на Фабрика Карпош – 777,8 илјади евра. Инаку, на оваа листа се пласирани четири фирми што не се во друштвото на најдоходовните.
Приходниот скок се рефлектира и врз добивката на Скопски пазар, која и во овој дел го има најголемиот процентуален исчекор од над 253 насто. Со остварените 6,9 милиони евра, компанијата е на челната позиција. Оваа фирма е со солидна предност пред второрангираното Друштво за производство и трговија СОЛ СЕЕ, чија минатогодишна добивка е под два милиони евра, а има раст поголем од 118 насто.
Значително поместување е забележливо и кај Центро Унион (+ 145,7 %) и кај фирмата што се занимава со вадење природен гас ‒ Геосонда Звонко Ристески и други ДОО (+ 100,4 %).
Меѓу најпрофитните компании, две регистрирале намалување на добивката: Браинкоде (‒ 41,37 %), кој за снабдување адитиви има добиено тендери и од ЕЛЕМ; и долговечната компанија за жестоки пијалаци Бадел 1862 (‒ 20,32 %).
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ КОМПАНИИ ‒ 1.290 ВРАБОТЕНИ
Што се однесува до вработените, десетте најголеми компании во Општината ангажираат 1.290 лица. Тоа е за 2,3 насто повеќе споредено со бројната состојба од 2023 година. Најголем работодавач е Фабрика Карпош АД со 260 лица. Со дополнително пополнетите 15 работни места (+ 6,12 %) лани избиле пред Специјал – Продукт. Во пекарско-слаткарската фирма, чие производство се одвива во седум пекарници, лани немало промени во екипираноста (248).
Со процентуалното зголемување на кадарот се издвојува Геромедикал Феникс (+ 57,1 %). Приватната установа за социјална заштита на стари лица, лоцирана во Волково, минатата година ангажирала 99, а преклани 63 вработени.
Дали поради намален обем на работа или поради други причини, три компании го намалиле бројот на вработените: Скопски пазар – од 138 во 2023 година на 132 во 2024 година (‒ 4,35 %); ТГС Технички гасови за 4,6 насто или од 87 на 83; и Далма фоод и кетеринг сервис ДООЕЛ – преклани функционирала со 158, а лани со 127 вработени (‒ 19,62 %).
Извор: Бизнис Мрежа
Ѓорче Петров е самостоја локална самоуправа од 1996 година. Како и другите скопски општини има сериозни предизвици, но повеќе не мора да го чека возот. Поставена е на бизнис-колосек.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
СОПИШТЕ НЕ Е САМО ЗЕЛЕНА ПЕРИФЕРИЈА ‒ Топ 10 компании ѝ донесоа над 12 милиони евра