Австралски бизнисмен успешно го „паркирал“ својот луксузен автомобил во својот нов пентхаус апартман во Мелбурн вреден 39 милиони долари. Болидот Мекларен Сена ГТР на Адријан Портели, вреден 3 милиони долари, со помош на кран бил издигнат на 57 нивоа до врвот на кулата Сафир покрај зградата Гарденс на улицата Егзибишн во австралискиот град.
Адријан Портели, сопственикот на болидот и на апартманот за медиумите изјави дека луксузниот автомобил ќе стане главен украс на станот.
„Седеше во фабрика и не можам да го возам на патот“, рече тој. „Решив наместо тоа да го ставам таму горе. Тоа е уметничко дело“.
34-годишниот бизнисмен стана познат на австралиската публика откако во едно ријалити шоу понуди 4,5 милиони долари за да го купи својот прв дом во ноември. Тогаш имаше коментари дека Портели се прави важен со својата понуда и се изразуваше сомневање дали тој воопшто има толку пари.
Милионерот го заработил своето богатство од водење на LMCT+, кој е платформа за промоции и подароци со фокус на луксузни возила и престижни куќи. Компанијата е исто така најголемата и најбрзо растечка заедница за автомобили во Австралија.
Откако во јавноста осамнаа критики дека паркирањето на автомобил на 57-ми кат со помош на крај е безумно трошење на пари, а од австралиски опозициони политичари дури имаше барања до Владата дополнително да го оданочат расипичкиот богаташ, Портели на социјалните мрежи постираше потсмешливи мемиња, а потоа жестоко возврати: „Прво ми го валкаа името исмевајќи ме дека немам пари за да ја купам куќата, сега плачат дека сум имал премногу пари! Дај, решете што сакате, бе, луѓе!“
Портели изјавил за медиумите дека пентхаусот бил „спонтано“ купување и се пофали дека целата страна на зградата морало да се деконструира за да се отвори место за Мекларен. „Тоа беше мисија“, се пофали тој. „Мораа да ги извадат сите прозорци, за да може автомобилот да го најде својот вечен дом“.
Пентхаусот нема да биде готов уште 12 до 18 месеци.
Портели планира да го направи станот за викенд- престој.