
Во Хонг Конг расте гнев и неверување по разорниот пожар што го проголта комплексот „Ванг Фук Корт“ – трагедија што за само неколку часа го претвори густо населеното маало Таи По во сцена на очај и загуба. Повеќе од 128 луѓе го загубија животот, околу 200 се водат како исчезнати, а стотици семејства очајно бараат вести за своите најблиски.
Пожарот избувнал во среда попладне во време кога целиот комплекс со осум кули бил завиткан со бамбусови скелиња и заштитна мрежа поради реновирање, што придонело огнот брзо да се прошири. Жителите тврдат дека алармите биле исклучени, а градежните работници користеле запаливи материјали и дури пушеле во близина на скелето. За многумина, трагедијата можела да се спречи и е резултат на сериозни пропусти.
Спасувачките екипи се бореа со екстремна топлина и густ чад повеќе од еден ден, обидувајќи се да стигнат до горните катови. Најмногу жртви биле пронајдени во два од високите блокови. Во текот на ноќта, доброволци носеле душеци, ќебиња и основни потреби за стотиците евакуирани жители, кои во шок и неизвесност чекале вести за исчезнатите.
Полицијата веќе уапси тројца членови на градежната компанија задолжена за реновирањето, под сомнение за убиство од небрежност поради користење небезбедни материјали. Во рацијата биле запленети документи и електронски уреди, а властите најавуваат темелна истрага за утврдување на одговорностите. Жителите и дијаспората од Хонг Конг бараат вистина и правда, сведочејќи дека со години постоеле проблеми во управувањето со зградата и предупредувања кои никој не ги сфатил сериозно.
Трагедијата го оживеа и старото незадоволство околу високите цени на недвижностите, лошото одржување и нееднаквоста во градот. Додека пожарникарите продолжуваат да пребаруваат по остатоците од изгорените кули, а семејствата се надеваат на чудо, Хонг Конг се соочува со најсмртоносниот пожар во повеќе од седум децении – и прашањата за тоа како дошло до ова стануваат сè погласни.
(Фото: 中国新闻社, Wikimedia Commons CC BY 3.0)
Аналитика








