„Со 593 гласа ЗА парламентот го усвои мојот закон за подолго траење на производите! Денес на индустриjата и рековме доста! Денес ги ставивме луѓето пред профитот!“ – напиша на својот X профил хрватската европратеничка Биљана Борзан откако Европскиот парламент ја усвои Директивата која ги штити потрошувачите во ЕУ од различни нефер деловни практики. Кон нив се приклучуваат и тврдењата за еколошката исправност на производите кои не се засновани на докази, како и продажбата на производи со вградени дефекти, кои поради тоа имаат покус век на траење.
За да стапи во сила, Директивата треба да биде одобрена од Европскиот совет и објавена во Службениот весник на ЕУ. Потоа, во приод од две години секоја земја-членка ќе мора да ја имплементира во своето законодавство.
Оваа обврска се однесува и на земји-кандидати за членство во ЕУ, кои се обврзаа да ги усогласат своите регулативи и практики со европските, врз основа на потпишаните договори за асоцијација. Што значи, тоа се однесува и на Македонија. Кај нас е изработен Предлог закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, кој е доставен до Собранието, но не опфаќа и други производи.
Инаку, целта на европската Директива е да ги заштити потрошувачите од измамничките трговски практики и да им помогне да направат подобар избор кога купуваат производи. Затоа, низа проблематични пазарни практики поврзани со „гринвошинг“ и со брзото расипување на производите ќе бидат додадени на постојната листа забранети деловни практики на територијата на ЕУ.
Директивата инсистира на појасни и повистинити информации наменети за потрошувачите при означувањето на производи. Оттаму, се забранува воопштената употреба на тврдењата од типот „еколошки производ“, „природен“, „биоразградлив“, „климатски неутрален“ и „еко“ – доколку за тоа нема докази – официјални сертификати или процедури востановени од надлежните институции.
Со Директивата акцент се става врз времетраењето на стоките. Во иднина, информациите за гаранција ќе мора да се поистакнати и повидливи. Ќе се креира и нова усогласена ознака за да се означат производите со продолжен гарантен рок.
Новите правила забрануваат неосновани тврдења за издржливоста и трајноста на производот, се вели во соопштението на Европскиот парламент. На пример, дека машината за перење ќе издржи 5.000 циклуси на употреба ако тоа во нормални околности не е точно. Потоа, наведувањето на потрошувачите да го заменат стариот апарат со нов пред тоа да биде навистина неопходно, што е често случај со тонерите за печатачи. Се забранува и претставувањето на производите како поправливи, а всушност не се.