Цариниците на аеродромот во Франкфурт конфискуваа пратка со повеќе од 2.100 фалсификувани луксузни часовници кои пристигнувале од Кина за дистрибуција во Европа. Доколку се оригинални, различните марки на часовници би вределе околу 170 милиони евра, изјави во четвртокот портпаролот на царината.
12-те пакети со нив пристигнале од Хонг Конг и требало да бидат доставени до Северна Македонија преку најголемиот германски аеродром.
Часовниците беа запленети во октомври, но квалитетот на сомнителните фалсификати беше толку добар што официјалните лица мораа да се консултираат со 11-те погодени сопственици на брендови.
„Често фалсификуваните часовници не можат да се препознаат на прв поглед“, рече портпаролот. Откако беше потврдено дека сите се копии, сега часовниците ќе бидат уништени.
Властите на аеродромот во Франкфурт минатата година заплениле повеќе од 256.000 фалсификувани производи со брендови, од кои 83 отсто потекнуваат од Кина.