Цените од тарифникот се апсолутно реални, но проблем е што со нив Агенцијата за катастар на недвижности го правда поскапувањата на своите услуги, вели претседателот на Комората на трговските друштва за геодетски работи, Никола Рибароски.
Исто така, посочува, проблем е што Агенцијата носи правилник, откако претходно им ги одземала јавните овластувања.
„Агенцијата тврди дека имала зголемени трошоци за плати и струја. Во извештајот на Европскиот совет стои дека ‘катастарот е неефикасен, а услугите се скапи’. Ова не се единствени непромислени потези кои ги повлекува Катастар. Да информирам дека Агенцијата на катастар го доведува во прашање правниот систем на земјата. Директорот и ги одзеде овластувањата на Комората за геодетски работи неполни шест месеци откако Агенцијата исплати судски трошоци за истиот потег кој го направи претходно“, тврди Рибароски за МИА.
Оттаму, додава, најновиот правилник претставува кршење на законите и Уставот, како и пресметка на директорот на Катастар со приватните компании. Иако законски е јасно кој издава и одзема лиценци, со правилникот се врши упад во ингеренциите на Комората.
Што се однесува до цените, посочува дека десет години немало промени.
„По цели 10 години и четиригодишна сага добивме нов тарифник. Доколку се слушаше Комората, тарифникот ќе се носеше етапно на две-три години и немаше да има вакво нагло поскапување. Цените што се сега предвидени се многу пореални од претходно, кога имавме апсолутно нелогични цени, врз основа на сите трошоци, инфалцијата. Се случуваше геодетските компании да наплаќаат одредена услуга и 50 проценти да ги дадат на Агенцијата за катастар на недвижности, бидејќи секоја компанија е должна да користи податоци од Катастарот. Токму тоа е причината што речиси 50 приватни геодетски компании на државно ниво едвај преживуваат“, вели Рибароски, додавајќи дека во наредниот период ќе бидат објавени детали за тоа како се опструирало носењето на тарифникот.