ПОВЕЌЕ

    Генијалноста на иновацијата е во бизнис моделирањето – Стојче Тасков во „PariТalks“

    Време зa читање: 5 минути

    Сѐ додека нема потреба од радикална промена во начинот на кој се опслужува човечката потреба, не треба да биде форсирана иновацијата. И доколку нема одговор на прашањето – Зошто воопшто иновираш? – тешко дека некогаш иновацијата ќе успее, вели сопственикот на Инбох архивски дата центар, Стојче Тасков, во гостувањето на поткастот „PariTalks“.

    На прашањето за формулата за успешна бизнис иновација одговара со прашање – кога последен пат „Мекдоналдс“ иновирал во „биг мек“ и колку време трае тој производ?, па елаборира:

    „Во ‘биг мек’ не иновирал. Иновирал во начинот на којшто ќе нарачате ‘биг мек’. Претходно требало да чекате ред во линија, а денес има големи екрани, доаѓате и го бирате ‘биг мек’. Додека да стигнете до каунтерот, биг мекот е спремен. Иновирал во сервисната пропозиција колку брзо или споро ќе го добиете биг мекот. Но биг мекот е истиот „биг мек“.

    Посочува дека во рамките на иновацијата секогаш постојат три компоненти.

    „Создавате некаква идеја и таа одговара на следново прашање: I help who, do what, because of why? Ако може да си одговорите на прашањето, вие имате вредносна пропозиција која создава вредност за другите, за сите“.

    Креирањето вредност е првата компонента на иновацијата, на која вели, завршуваат 90 отсто од луѓето. И акцентира, помагањето на компаниите не е водење бизнис, тоа е „social work“.

    Втората компонента е овозможување вредности. За неа Тасков укажува дека е „залепена како цигла во првата“ и појаснува:

    „Колку од вредноста што ја создавате за светот може да си ја однесете дома. Колку ќе заработите вие од тоа. Бидејќи сѐ друго е неодржливо. Сте создале нешто добро и сѐ додека некој ве финансира, сѐ додека постои cash input пости и value output. Но, дента кога ќе престане некој да ве спонзорира пропаѓа бизнис моделот… Не, бизнис моделот мора да биде на комерцијална основа валиден“, смета и додава дека логичката реченица што ги поврзува двете компоненти е – зошто луѓето би биле спремни да го платат тоа?

    Оттаму, третата компонента е наплата на вредноста.

    „Во иновацијата создавате технолошко решение и Willingness to pay е основата над која нешто и ќе почне. Ако не може да создадете Willingness to pay вие не може да создадете бизнис“, нагласува Тасков.

    Според него, има иновации – за континуирано подобрување и за создавање нешто што не постои.

    „Погрешно е да гледате во иновацијата некаква хомогена категорија, бидејќи не е. За да имате правилно разбирање, мора најмалку да ја поделите на две линии. Иновации кои се фокусирани кон континуирано подобрување на тоа што постои и иновации кои создаваат нешто што не постои. Барем толку треба да ги разграничите“.

    Во тој контекст го наведува примрот со автомобил од 1924 и од 2024 година, кои имаат по четири тркала, волан, педали, менувач… но сепак не се споредливи?

    „Сѐ што се случило меѓу 1924 и 2024 се вика одржлива иновација или иновација во тоа што постои. И тоа се безброј иновации во брзина на движење, безбедност на луѓето, емотивни елементи, комфор во патувањето… Ние не ги перцепираме како иновации… Но, вистината е дека таму имало страшна иновација“.

    Генијалноста во иновацијата Тасков ја лоцира во бизнис моделирањето.

    „На старт имате луѓе во ‘adoption curve’. Првите луѓе се инвеститори. Тие се фанатици за нешто ново. Такви се два проценти од луѓето. Што и да понудите на пазарот, секогаш ќе го купат од љубопитност или затоа што се џет сетери. Во вторите, до 15 проценти од вкупниот пазар, имате луѓе кои се ‘conscious’, кои се свесни – ако ова ми помогне да намалам трошоци или ако ова ми помогне другите да мислат за мене дека сум многу паметен, тие ќе го користат тоа. На англиски тоа се нарекува ‘early adopteres’ на англиски. И ако тие две категории ги освоите, вие почнувате да ја освојувате кривата на ‘early majority’. Ќе освоите 50 отсто од пазарот и потоа нема враќање. Вашата иновација е новиот начин на извршување на работите. И тогаш таа иновација не е само иновација за вас, туку е радикално пореметување на начинот на којшто се извршуваат работите во вашето општество“.

    Тасков, како што кажува, секој втор ден добива идеја за иновација. Идеите ги запишува а потоа… „Неврзано ги раскажувам со луѓе. Ако најдам некој што можам да го возбудам со идејата…, да му речам види, ако го направиме ова драматично ќе го смениме начинот на којшто луѓето ги остваруваат овие потреби и некој ќе рече, еј супер, јас исто верувам во тоа, и ако се нафати, тогаш јас стартувам, би стартувал фирма и би стартувал нешто ново“, категоричен е сопственикот на Инбох, кој за својата компанија вели – „Нема потреба да одите кон информациите. Инбох е иновација која ќе ти дозволи информацијата да дојде кон тебе“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично