Тимот на Генерали Инвестментс подготви резиме за актуелните настани кои влијаат врз пазарите на капитал.
Охрабрувачки почеток на годината на берзите
Најследените берзански индекси влегоа во новата година со позитивни движења и ја прекинаа тринеделната негативна серија. На почетокот од минатата недела на берзите доминираше црвената боја, но во петокот оптимизам разбудија податоците од американскиот пазар на труд кои покажаа успорување на растот на платите. Ова е важен показател што укажува дека инфлациските притисоци во САД се намалуваат, а и декемвриските бројки за инфлација во Европа беа пониски од прогнозираните.
Растот на платите во САД успори во декември
Од друга страна, американскиот пазар на труд останува многу силен и покрај заканата од рецесија и вестите за отпуштања од повеќе технолошки компании. Стапката на невработеност се врати на историски најниско ниво од 3,5%. Комбинацијата на податоци за истовремениот понизок раст на платите и невработеноста, инвеститорите на финансиските пазари ја толкуваа како знак дека растот на цените може да се ублажи со меко приземјување на економијата, односно без подлабока рецесија. Американската економија создаде 4,5 милиони работни места изминатата година, што е втор најголем број во историјата. Во нормални услови, ова би била охрабрувачка бројка, но во моментов малку повисоката стапка на невработеност благотворно би се одразила на економијата, бидејќи дополнително би ги намалила инфлаторните притисоци. Американската централна банка, ФЕД, предвидува дека невработеноста ќе се зголеми на 4,6% до крајот на оваа година поради повисоките каматни стапки и успорувањето на економската активност. ФЕД го објави и записникот од декемврискиот состанок, каде основната порака останува позната. Рестриктивниот став на монетарната политика ќе треба да се задржи се додека економските податоци јасно не покажат дека инфлацијата трајно се враќа на целта од 2%.
Стапката на инфлација во еврозоната за декември изнесуваше 9,2%
Тоа е уште попозитивна недела за главните европски берзи, кои добија крила благодарение на фактот за пад на базичната стапка на инфлација под 10%, по 2 месеци. Во еврозоната, цените беа за 9,2% повисоки на годишна основа, мерени со индексот на CPI. Причината за пониската стапка од прогнозите и минатите мерења се наоѓа во пониските цени на енергијата, додека базичната стапка на инфлација продолжува да расте – за декември изнесуваше 5,2% што е за 0,2% повисока отколку во ноември. Затоа е прерано да се објави дека врвот на инфлацијата во Европа е достигнат, бидејќи евентуалниот повторен скок на цените на енергијата брзо би ја влошил сликата. Исто така, историјата не учи дека инфлацијата често не расте линеарно, туку брановидно. Показателите за PMI на менаџерите за набавка исто така беа малку поохрабрувачки од ноемвриските, кои покажуваат контракција на економската активност во еврозоната за декември, но климата е подобрена во споредба со минатиот месец.
Кина ги отвори границите по речиси 3 години
Индексите на пазарите во развој продолжија да растат, позитивните ефекти од отворањето на економијата продолжуваат да ги поттикнуваат кинеските акции. Инвеститорите позитивно реагираа и на веста дека официјален Пекинг планира да преземе дополнителни мерки за ублажување на кризата во секторот на недвижности. Сето ова, сепак, засега не се одразува на кинеските економски показатели. Индексите на менаџерите за набавка за декември укажуваат на нагласена контракција на економијата, но се подобруваат долгорочните прогнози за економските движења за втората по големина светска економија. По речиси три години, отворањето на границите на Кина ќе влијае на целата светска економија, меѓународниот сообраќај значително ќе се зголеми, туристичките дестинации популарни кај Кинезите ќе просперираат, а корист ќе имаат компаниите што извезуваат во Кина. Сепак, главната грижа е влијанието на инфлацијата. Зголемувањето на побарувачката може брзо да доведе до обновен пораст на цената на нафтата и другите енергетски производи.
Позитивно и на пазарот на обврзници
Сознанието дека растот на месечните плати во САД успори за 0,3% во декември, исто така, имаше многу корисен ефект врз пазарот на обврзници. Знаците за намалување на инфлациските притисоци ги зајакнуваат надежите за помалку затегната монетарна политика и последователен пораст на цените на обврзниците. Бараниот принос (обратно пропорционален на движењата на цената на обврзниците) на 10-годишната американска државна обврзница падна од 3,88% на 3,57% во првата недела од новата година. Доларот и еврото исто така остануваат релативно стабилни на ниво од околу 1,07 долари за евро.
СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ
Макроекономските податоци, со исклучок на инфлацијата, се влошуваат. Но, бидејќи пазарот на трудот останува многу силен, шпекулациите за идната монетарна политика остануваат многу широки. Промената на политиката на централните банки и покрај нивната различна реторика, останува фактор на пазарите на капитал. Ликвидноста останува добра и му дава поддршка на пазарот, но за нагорно движење ќе бидат потребни нови и пред се пооптимистички информации. Се ближи периодот на објавување резултати за последниот квартал од 2022 година, а пред се прогнозите за 2023 година, што може да биде извор на оптимизам или песимизам. Забрзаното влошување на макроекономските податоци и брзото лизгање кон рецесија, ќе го потресе пазарот. Отворањето на Кина дава надеж, но влошувањето на кинеските податоци од друга страна покажува дека оваа рецесија на развиените пазари нема да можеме да ја решиме на ист начин како во 2008 година, со растот на кинеската економија. Акциите, со оглед на сите предизвици и очекуваните промени, не се евтини, но одредени сегменти на пазарот сè уште нудат можности, бидејќи иднината или очекувањата на инвеститорите за тоа како треба да изгледа иднината се менуваат многу брзо. Препорачуваме да се задржи долгорочен пристап со периодични зголемувања на инвестициите, што се покажа дека дава добар одговор и најдобар резултат во услови на поголема нестабилност и привремена неизвесност. Диверзификацијата на портфолиото останува клучен двигател за одржување и зајакнување на заштедите. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали НОВА ЕУ и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, ги нуди најдобрите решенија за сложениот коктел на актуелната политичка ситуација и економското опкружување. Тоа исто така носи одредени можности. Оние кои имаат поголема позиција во технологијата или одредени други сегменти во нивното портфолио можат да го искористат овој пораст за да ги реконструираат своите портфолија. Генерали БРИК сепак, останува многу шпекулативна инвестиција, бидејќи кинеската држава редовно и често ја менува сликата за иднината што ја предвидуваат инвеститорите, што со себе носи силни флуктуации. Обврзниците ја имаа најлошата година (2022) во последните 50 години. Не веруваме дека тоа може да се повтори во 2023 година, напротив, полека ќе почне да се гради можност за инвестирање. За трпеливите инвеститори ова се моментите за почнување на градење на позиции. Времињата се непредвидливи и ќе се појават можности. Последното отскокнување покажува дека пазарот е непредвидлив и дека се потребни постепени и методички чекори во прилагодувањето на инвестициското портфолио, бидејќи чекањето за оптимален момент води до можност за пропуштање на силни скокови. Отскокнувањето не значи дека кризата е завршена и дека не е можно ново дно. Тоа само покажува дека да се биде премногу самоуверен во една приказна и како резултат на тоа да се има неизбалансирано портфолио може да биде опасно.