ПОВЕЌЕ

    Гасификацијата за спас на енергетиката и животната средина, за нас сѐ уште далечна

    Време зa читање: 6 минути

    Природниот гас е исклучително корисен енергенс бидејќи неговата употреба има широк опсег, од употреба во домаќинствата, преку употреба во индустријата и сообраќајот до употреба во производство на електрична енергија и топлина. При тоа, не само што нема проблеми со складирање и со негативно влијание на околината, туку во одредени случаи неговата употреба значи додатни финансиски ефекти на проектите од аспект на намалување на глобалното загадување на атмосферата преку намалување на специфичната емисија на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Сепак, се уште е рано да се прецизира кога граѓаните на Македонија ќе имаат можност да добијат гас во нивните домови.

    На терен, на делницата Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 86 километри, е реализирана гасификацијта на ниво од 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година, вклучувајќи ја и изградбата на мерните станици и краците кон градовите. Целосно се завршени работите на гасната магистрала од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри, додека делницата Неготино – Прилеп – Битола, долга 92 километри во септември беше комплетирана до 92 проценти. Овој магистрален гасовод со сите придружни инфраструктурни елементи ќе биде комплетиран во вториот квартал на 2021 година.

    Изградбата на мрежата која од националниот гасовод ќе треба да стаса до општините, а потоа до деловните простории и до домовите на граѓаните во целина воопшто не е евтин процес. Информациите кои ги добивме велат дека поголемиот дел од локалните самоуправи немаат пари самите да ја финансисраат гасификацијата во својата општина. А она што засега не се знае е и цената која треба да платат граѓаните како крајни корисници. Претседателот на Заедницата на единиците на локалните самоуправи Петре Шилегов вели дека доколку не се договори јавно-приватно партнерство со фирма која ќе го носи гасот до домовите на граѓаните многу тешко ќе биде реализиран проектот. Ваквата одлука се уште се чека на национално ниво, а не на локално. Шилегов е дециден и вели дека како градоначалник на Град Скопје нема да дозволи финансиски најмоќниот град во Македонија, Скопје да го поремети процесот на гасификација со тоа што има можност главниот град сам да обезбеди средства за приклучок на граѓаните. Тој смета дека со таков чекор, потенцијалниот инвеститор ќе го изгуби интересот за работа.

    „Самата обврска за терцијалната гасификација во овој момент може кај многу од општините да предизвика товар, а не само бенефит. Од друга страна Скопје како град е најатрактивниот дел од комерцијалниот дел од бизнисот со гасификацијата. Мое лично мислење е дека немаме право ние како Скопје или како скопјани да го монополизираме правото на гасификација.“ смета Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

    Владата веќе е во преговори со две фирми од Турција, за изградба на магистралниот гасовод во земјава.

    Компаниите „Акса Догалгас Дагити А.С.“ од Република Турција и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“ исто така од Турција доставија понуди за изградба на магистралниот гасовод во земјата. Врз основа на извештајот на Министерството за економија,  Владата донесе Одлука со која овие две компании ќе бидат поканети да учествуваат во втората фаза на конкурентен дијалог. Тоа значи дека овие две компании ќе учествуваат во тендерската постапка до третата фаза која значи конечен избор на компанија со која ќе се воспостави јавно – приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Северна Македонија, напиша Бектеши на својот Фејсбук профил.

    Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека си ја завршиле нивната работа. Регулаторот вели  ги донел сите правилници  кои се во негова надлежност од Законот за Енергетика, како и Правилник за сертификација на операторот за пренос на природен гас.

    „Првата фаза е завршена со избор на кандидати по што следи втора фаза на конкурентен дијалог со избраните од првата фаза. Во однос на неопходната регулативата, РКЕ ги донесе сите правилници  кои се во нејзина надлежност од Законот за Енергетика, како и Правилник за сертификација на операторот за пренос на природен гас кој што ќе започне по барање на операторот за пренос на ПГ. Другите правилници со кои се уредува оваа област треба да ги донесат операторите на пренос и дистрибуција.“ велат од Регулаторната комисија за енергетика.

    Главни услови за добивање на тендерот за дистрибутивната мрежа на гас е компанијата да има најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните три години. Во првите четири години има обврска да изгради најмалку 50 отсто од мрежата во градските општини и најмалку 20 отсто во руралните општини. Реализацијата на гасоводот кој поминува од Скопје до Тетово и Гостивар изнесува 70 отсто, и се очекува до април да финишира.

    Минатата година вкупно 48 потрошувачи биле приклучени на преносната мрежа за гас од каде биле потрошени скоро 296 милиони нормални метри кубни гас што во споредба со 2018 година има зголемување на потрошувачката од 14 %. Најголем потрошувач е гасна електрана-топлана Те-То АД Скопје, по него се топланите, компании од металната, прехрамбената и општата индустрија. На природен гас приклучени се и два објекти од здравството, а тоа се Клинички центар и 8-ми Цептември и од јавните институции Министерството за одбрана и ЈСП.

    Во моментов, освен  гасоводот во Струмица кој функционира како самостојна целина, главниот коридор од каде што влегува гасот е преку постоечкиот капацитет на магистралниот гасовод Жидилово – Скопје, кој иако има искористеност од околу 30 % сепак согласно проекциите за зголемена потрошувачка истиот не може и нема да биде доволен да ги задоволи потребите од природен гас во Северна Македонија. Оттука неопходно е поврзување на Северна Македонија кон нов гасовод со што ќе се обезбеди потребната количина, а во исто време и ќе се создаде конкуренција која се очекува несомнено поволно да се одрази врз крајната цена на корисниците.

    Ова истражување е дел од проектот на ENV.net кое има за цел да ја подигне општествената одговорност на компаниите и граѓаните и заеднички да започнат  посвесно да се размислуваат и делуваат кон животната средина.

    Автор: П.И.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично