ПОВЕЌЕ

    ГАЛЕРИЈА: „ПАРИ“ НИЗ ПРОДАВНИЦИТЕ ВО МИНХЕН: Колку чини храната?

    Време зa читање: 4 минути

    По Луксембург и Белгија, Германија е земјата со најголеми просечни примања. Според расположливите податоци, просечната месечна бруто-плата е 4.250, додека нето-платата е 3.230 евра. „Пари“ беше во посета на продавниците во Минхен. Разгледавме какви се таму цените. Се поставува прашањето дали е мит или вистина дека кај нас има најниски цени, па нашата просечна нето-плата од 45.961 денар, реално чини многу повеќе.

    Низ продавниците за храна во Минхен наидовме на повисоки, исти, па дури и пониски цени на основните прехранбени производи. Посетивме некои од поевтините маркети, затоа што и овде нашиот народ главно пазари во маркетите што нудат поограничена палета на производи, но со пониски цени.

    Свеж пилешки стек во Германија чини 14,48 евра, еден килограм свинско мелено месо може да се купи за 4,70 евра, пилешки копани се продаваат по цена од 6,4 евра за еден килограм. Пакување од 10 јајца чини 2,99 евра, млекото го најдовме по цени од 0,85 и 0,95 евра. Сирење во пакување од 250 грама, нешто што е најблиску до она што ние го знаеме како фета, е 2,8 евра.

    Доста е во мода органскиот зеленчук, па така органска зелка се продава за 4,23 евра по килограм. Еден комплет за супа, како што се продава и кај нас по пазарите, таму чини 1,79 евра. Органски јајца во пакување од 10 се 8,5 евра.

    Продавниците се преполни и со трајни лебови. На секој производ задолжително се става цена на килограм, па дури и на лебовите. Така, на пример, пакување леб за сендвичи, како што пишуваше, чини 1,69 евра, а ценатa за килограм е 2,25 евра. Секако, има и свежи лебови. Од фурна изваден ’ржан леб со тежина од половина килограм чини 2,20 евра. Се продава и традиционален леб, а тој чини 1,19 евра за килограм. Пекарницата е полна и со разни печива. Баварски ѓеврек чини 39 центи, а разни видови слатки теста – полжавчиња, кроасани, полнети со крем, се по цена од 0,79 евра. Крофните се 0,45 евра.

    Луѓето што живеат во Германија велат дека овде има многу големи попусти. Обично ги следат и така уште повеќе заштедуваат. Колку за илустрација, ние начекавме крем нутела од 750 грама за 3,99 евра.

    Според расположливите податоци, во Германија околу 14 насто од приходите на едно семејство одат за храна и безалкохолни пијалаци.

    Со нашинци во Германија разговаравме и за нивните режиски трошоци. Во еден стан од 40-ина квадрати каде што живеат двајца месечниот паушал за гас, струја и вода е од 62 до 67 евра. Овој износ се плаќа преку цела година, а ако има поголема потрошувачка разликата се плаќа на крај, но и ако тоа се случи, износот не е голем. Но кириите се енормни, за истиот стан би требало да се издвојат 1.200 евра.

    Низ Минхен по улиците нема многу сообраќај. Сите ја користат подземната железница. Неделна карта за возење по сите линии чини 23,8 евра, месечна 71,2 евра, а единечна карта во еден правец е 4 евра.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично