Што ќе се случи доколку се зголеми стапката на ДДВ од 18 на 19 проценти, како што сугерира Светската банка? И се зголеми старосната граница за одење во пензија? Сивата економија ќе добие ветер во грб, смета даночниот експерт Павле Гацов. А, за да се справи државата со таа масовна појава што негативно се одразува врз сите пори на општеството, добро би било Светска банка да „обезбеди поддршка на нашите државни органи да спроведат алатки и механизми за системска борба против сивата економија“. Тогаш ефектите ќе бидат повеќекратни.
Еве ги размислувањата и препораките што Гацов ги сподели преку својот ФБ статус, насловен „Јас граѓанинот…“.
„Лефтерните предлози на Светска банка, да се зголеми стапката на ДДВ и да се укине повластената ДДВ стапка за најголем дел од тнр. ‘социјални производи’, како и да се зголеми староста како услов за пензионирање не се конзистентни со нивната позната констатација дека сивата економија во Македонија достигнува до 40% од БДП.
Ваквата неконзистентност е дополнителен ветер во грб на сивата економија. Сивата економија и готовината се погонско гориво за корупцијата…“, пишува Гацов.
Во продолжение сликовито ја опишува состојбата на теренот.
„Од друга страна…
Легендата вели дека во Македонија некоја жена некогаш добила фискална сметка од салон за убавина, нокти, масажа…
… а цените им се ко на Менхетен на приземје да работат…
Надлежните да просурфат по мрежите со пребарување на ЛОЗИНКИТЕ: „нокти“, „веѓи“, „фризер“, „масажа“, „шминка“, „bauty“, „derm / кожа“, „депилација“… ПЛУС продажбите на блузички, ташнички, каиши, несесери, украси… и слични невидливи бизниси кои вртат голем кеш (неформална економија) и да заведат некаков ред со воспоставување на соодветен регистар (за вршителите на некои од овие услуги во игра би било и паушално оданочување)…
Граѓаните кои вршат услуги за странски компании или вршителите на нерегистрирана дејност кај нас (инаку забрането со Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност) најчесто парите ги подигаат во странство (преку небанкарски портали кои овозможуваат ваква незаконитост) и ги користат без да платат ниту еден денар јавна давачка во корист на државата (МКД) во која ги користат сите јавни услуги (платени од џебот на редовните даночни обврзници) на ист начин како што ги користат и легалните вршители на дејност.
Градежниците, приватните доставувачи по пошта и вршителите на сл. услуги (чистење по станови, чување мали деца и на стари лица…), потоа малите дуќанчиња (пластичарската улица…) те гледаат како најголем шегобиец кога ќе им побараш фискална сметка“.
Гацов упатува каде би можела во случајов да помогне Светска банка.
„Светска банка би можела да обезбеди поддршка на нашите државни органи да спроведат алатки и механизми за системска борба против сивата економија. Потоа да обезбедат механизми за контрола на исплатите преку небанкарските платформи кои се користатат за перење пари…
Да го поддржат стартот на проектот е-фактура, да поттикнат воведување на е-платформи за: е-залиха, е-фискална сметка, користење на компаниски мобилни телефони како POS терминали…
Инаку, зголемувањето на даноците ќе падне на товар на легалните даночни обврзници, а неформалната економија ќе стане уште поконкурентна бидејќи ќе остварува уште поголема заштеда во однос на редовните плаќачи, впрочем тие и така не плаќаат ништо на државата (а користат сѐ). Зголемувањето на возраста за пензионирање (читај: намалување на годините на користење на пензијата) уште посилно ќе ги мотивира учесниците во неформалната економија да не плаќаат регуларен пензиски придонес (на целата бруто плата) бидејќи пензионирањето е неисплатлива инвестиција.
Иста порака беше испорачана кон идните пензионери (сега вработени лица) и со последната мерка за зголемување на пензиите во апсолутен износ (два пати по 2.500) – Плаќај на најниска основица, зашто кога се зголемуваат пензиите сите добиваат ист износ на зголемување (се демотивира плаќањето на придонес за ПИО на повисоки износи)“.
Доколку во пракса се применат посочените предлози, корист ќе имаат и државата и бизнисот и граѓаните:
„Ваквиот сет на системски мерки би ги донеле следните промени (ефекти):
Ефекти за државата: Ред и сериозни буџетски приходи (потенцијал за одржлив економски раст на подолг рок)…
Ефекти за невидливите бизниси: Општествен „образ“, видливост која ќе создаде можност за користење на некаква државна поддршка, признавање на трошоците на работењето, законито работење и социјални резерви за иднината (здравство и пензионирање), заеднички бенефити преку јавните услуги…
Ефекти за легалните бизниси: Елиминирање на нелојалната конкуренција, чувството дека државата ги штити интересите на оние кои си ги плаќаат своите обврски.
Ефекти за граѓаните: Даночна правда“, напиша даночниот експерт Павле Гацов.