ПОВЕЌЕ

    Формирана СвисЧам МК – платформа за деловна извонредност со швајцарски вредности

    Време зa читање: 2 минути

    Швајцарската комора на Северна Македонија е новата платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување меѓу Северна Македонија и Швајцарија. Свечената промоција на СвисЧам МК се одржа денес.

    Основањето на Комората е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании и институционална поддршка од Швајцарската амбасада, со цел создавање стабилна и доверлива деловна заедница заснована на препознатливите швајцарски вредности.

    Швајцарија и Северна Македонија веќе имаат силни економски врски, но преку оваа Комора создаваме платформа што ќе го претвори постоечкиот интерес во конкретни партнерства и нови можности за раст“, изјави швајцарскиот амбасадор, Н.Е. Кристоф Зомер, нагласувајќи дека комората ќе придонесе за зајакнување на економското партнерство и долгорочна соработка помеѓу двете земји.

    Во време на глобални економски трансформации, СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива што ги обединува сигурноста, довербата и иновативноста, клучни принципи на современото деловно опкружување. Надоврзувајќи се на постојните економски врски и растечкиот интерес за nearshoring (пренесување на деловни активности во блиски земји), Комората ќе работи на продлабочување на партнерствата и нови инвестициски можности.

    Претседателката на Комората, Соња Стефановска, истакна дека вистинската вредност на ова партнерство се темели на јасни принципи: „СвисЧам МК ќе биде мост на доверба меѓу луѓето, бизнисите и институциите, градејќи партнерства засновани на квалитет, прецизност,  интегритет и транспарентност“.

    Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, во своето обраќање нагласи дека СвисЧам МК ќе овозможи подобра комуникација, размена на информации, поддршка за нови деловни иницијативи и развој на заеднички проекти. „Убеден сум дека преку ваквата институционална рамка ќе се зајакне економската соработка и ќе се поттикне создавање на нови деловни партнерства. Во таа смисла, Владата, а особено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и понатаму остануваат целосно посветени на поддршката на иницијативи кои ја зајакнуваат економската дипломатија и ја унапредуваат меѓународната економска соработка. Соработката меѓу јавниот и приватниот сектор е од суштинско значење за создавање стабилна и конкурентна економија и за отворање нови перспективи за нашите компании“.

    Преку пренос на швајцарската експертиза и примената на добрите деловни практики, Комората ќе функционира како платформа за вмрежување, размена на знаења и поддршка на бизнисите, со цел да придонесе кон одржлив економски развој и зголемена конкурентност на македонската економија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично