Вкупно шеснаесет основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #5 – зелени проекти” кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој.
Во рамките на предизвикот, десет проекти на основни училишта се одобрени за финансирање: ООУ „Сабедин Бајрами” од с. Камењане, ООУ„Александар Урдаревски“ од Чучер Сандево, ООУ „Страшо Пинџур” од Карбинци, ООУ „Браќа Миладиновци” од Струга, ООУ “Киро Глигоров” од Скопје со два проекти, ООУ „Ванчо Прке“ од Делчево, ООУ „Чајла” од Гостивар, ООУ ,,11 Октомври” од Скопје и ООУ „Даме Груев“ од Струмица.
Во категоријата на средни училишта, одобрени се шест проекти за финансирање: Гимназија „Ведра” од Скопје, СОУ „Киро Спанџов Брко” од Кавадарци, ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски” од Скопје, СУГС Гимназија ,,Раде Јовчевски-Корчагин” од Скопје, Приватно Средно Училиште “ЈАХЈА КЕМАЛ” од Скопје и СУГС Сарај од Скопје.
„Особено ме радува фактот што младите покажаа дека сакаат предизвик, сакаат да истражуваат и да креираат позитивни промени за општеството. Фондот како институција е секогаш на страна на креативните и иновативни идеи, и посветено работиме на создавање на можности за младите да ја покажат својата креативност, критичко мислење и да стекнат вештини кои создаваат вредност. Со денешните наградени училишта, досега преку Предизвикот за млади истражувачи имаме поддржано 139 училишта од целата држава, во која се опфатени преку 900 ученици и ментори. Фондот ќе продолжи и во иднина да поддржува програми и проекти кои имаат за цел да ги поддржат младите и креативни умови, за кои сигурен сум дека поседуваат огромен потенцијал и ќе создадат подобра иднина“ изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
При селекција на проектите, предност имаа проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирање на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.
Во текот на наредните 12 месеци, проектните тимови ќе ги изработуваат истражувачките проекти од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување.
Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 3 милиони денари, а максималниот буџет за поединечен предлог проект изнесува до 200.000 денари. За наставниците кои ќе ги водат ученичките тимови, ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, наменети за набавка на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
На предизвикот пристигнаа вкупно 57 предлог проекти, а целосната листа на наградедни училишта е достапна на:
https://fitr.mk/wp-content/uploads/2023/05/Dobitni-proekti-Predizvik-za-mladi-istrazuvaci-SREDNI.pdf