ПОВЕЌЕ

    Финансиските приходи го носат профитот: „Раде Кончар“ заработи 522 илјади евра

    Време зa читање: 2 минути

    Акционерското друштво „Раде Кончар – Апаратура техника“ ја заврши 2025 година со нето добивка од 522 илјади евра, што е за околу пет отсто помалку во однос на претходниот резултат од 548 илјади евра. И покрај ова релативно ниско намалување, компанијата задржува стабилна профитабилност, потпирајќи се главно на финансиските приходи.

    Вкупните минатогодишни приходи достигнале 738,3 илјади евра, при што во структурата превагнуваат вложувањата и финансиските активности. Приходите од продажба се речиси непроменети и изнесуваат околу 43,6 илјади евра, додека останатите оперативни приходи бележат пад од 8 отсто, на 384,6 илјади евра.

    Најизразен раст има кај финансиските приходи, кои се зголемени за 36 насто и достигнуваат 275,3 илјади евра. Овој раст, како што наведува друштвото, главно произлегува од повисоки дивиденди од вложувањата и од добивки од тргување со хартии од вредност. Дополнителен ефект имаат и вложувањата во инвестициски фондови, од кои се остварени нереализирани добивки.

    Сепак, приходите од удел во добивката на придружните друштва значително се намалени – од 129,2 илјади на нешто над 33 илјади евра, што е пад од околу 74 отсто и директно влијае врз вкупниот финансиски резултат.

    На расходната страна, компанијата успеала да ги намали вкупните трошоци за 15 отсто, на 186,9 илјади евра. Во тие рамки, трошоците за суровини се зголемени за 72 насто, а останатите оперативни трошоци пораснале за 56 насто. Наспроти тоа, значително се намалени трошоците за вработени (-47 %), што е очекувано со оглед дека друштвото има само еден вработен.

    Како холдинг-компанија, со претежна дејност управување со вложувања, „Раде Кончар – Апаратура техника“ генерира приходи главно од дивиденди, камати и капитални добивки, а во помал дел од издавање деловен простор.

    Од компанијата посочуваат дека и во наредниот период очекуваат раст на добивката, пред сè преку зголемени финансиски приходи од дивиденди и од вложувања во хартии од вредност. Стратегијата останува насочена кон оплодување на капиталот, одржување ликвидност и постигнување повисоки приноси.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично