Финансиските инструменти се побарувања кои финансискиот инвеститор – сопственикот на финансискиот инструмент – ги има кон институцијата која ги издала тие финансиски инструменти. Со други зборови кажано, сопствениците на финансиските инструменти добиваат право да побаруваат од издавачите на финансиски инструменти да ги извршат договорените исплати кои произлегуваат од самите инструменти.
Доходот добиен од финансиските инструменти може да биде во форма на камата, дивиденда и слично. Финансиските инструменти не се амортизираат, како што тоа е случај со реалните добра (автомобили, згради, опрема) и нивната физичка состојба нема влијание врз формирањето на нивната пазарна цена. За разлика од реалните добра, кои имаат физичка форма, финансиските инструменти се парче хартија, а денес, во ерата на дигитализација, тие претставуваат само компјутерски запис кој на сопствениците им овозможува остварување на одреден износ на доход во иднина.
Финансиските инструменти може да бидат поделени во три групи:
- Пари;
- Сопственички инструменти (акции);
- Должнички инструменти (обврзници и заеми).
За разлика од преостанатите видови финансиски инструменти, главна карактеристика на парите е дека тие може да бидат средство за размена, односно со нив може да се вршат трансакции, што не е случај со преостанатите видови финансиски инструменти.
Акциите се сопственички хартии од вредност кои им овозможуваат на имателите резидуално побарување спрема имотот на компанијата, по исплатата на сите обврски кои таа ги има. Компаниите вршат емисија (издавање) на хартии од вредност заради прибирање на парични средства. Со тоа поединците или компаниите кои ќе купат хартии од вредност имаат потврди за сопственост во компанијата и затоа нивните побарувања се резидуални, односно се вршат по исплатата на сите преостанати обврски.
Обврзниците и заемите како должнички финансиски инструменти им овозможуваат на имателите приоритетно побарување спрема имотот или доходот на нивните издавачи. Обврзниците претставуваат хартии од вредност кои имаат фиксен принос и со кои на имателот му се враќа позајмениот износ плус каматата во определен временски период. Заемите, пак, за разлика од обврзниците, се договори со кои должникот се обврзува на кредиторот да му го врати позајмениот износ на парични средства и да ја плати договорената камата за заемот.