Три четвртини од вработените и компаниите во Северна Македонија се погодени од економската криза предизвикана од ширењето на Ковид-19 се вели во најновата публикација на Finance Think за економските ефекти од корона-кризата.
Состојбата кај самовработените и микро-бизнисите е дополнително критична. Најчест механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати.
Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил. Повремените приходи прекинале кај невработени со инцидентни работни ангажмани.
Најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум.
Иако корона-кризата започна да се чувствува во неколку економски сектори – првенствено туризмот, угостителството и малопродажбата – за кратко, таа се прошири низ целата економија. 75.9% од испитаниците одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона-кризата.
Да забележиме дека ова прашање не ги опфати самовработените (видете подолу). Со оглед дека оваа анкета ги испитуваше перцепциите на граѓаните, за одбележување е и дека 12.8% од испитаниците одговориле дека не знаат дали корона-кризата ја погодила компанијата во којашто работат. Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложи затворање одредени компании (на пример, компании од малопродажбата кои оперираат во трговските центри) и/или затоа што нивниот промет значително опаднал, 43.1% и 41.5%, соодветно (График 1).
Значаен е и процентот на компаниите кои имале проблем да ги пласираат своите производи, и тоа најчесто се однесува на извозно-ориентираните компании, чиј пласман беше откажан од купувачите (вклучително и од компаниите мајки) во странство и/или кои беа засегнати од отежнатиот транспорт. Отежнатото функционирање поради тоа што значаен контингент работници заминале на боледување со цел грижа за деца до 10-годишна возраст не е идентификувано како особено значаен начин на кој економската криза ја погодила компанијата, иако овој одговор може да е пристрасен поради тоа што е даден од перспектива на вработените.
Поважниот економски ефект од корона-кризата, кога тој се мери од перспектива на вработените, е како таа се одразила врз нивниот работен однос. 78.3% од вработените одговориле дека со корона-кризата се погодени лично.
График 2 покажува дека најчестиот начин на кој работодавачите одговориле на корона-кризата во првиот месец од нејзината поjава е преку намалување на платата на вработените (25.6%), но одговори од слична големина се и соопштувањето дека веројатно ќе следува намалување на платите и/или отпуштања, како и запирањето на дополнителните примања. Ова покажува дека првиот одговор на работодавачите на корона-кризата веројатно не бил отпуштањеработници. Сепак, 10.8% од вработените одговориле дека биле отпуштени од работа.
Линк од целата публикација на Finance Think за економските ефекти од корона-кризата [тука ]