Врз кои основи се креираат проекциите за 2026 година во банкарскиот сектор? Пари ги праша банките – какви очекувања имаат за Новата година. На што можат да се надеваат граѓаните и компаниите, ќе има ли промени и какви новини се предвидени да се реализираат, кои се најголемите ризици и колку се подготвни да ги апсорбираат.
Фатих Шахбаз – генерален директор на Халк банка:
Оваа 2026 ќе биде година на поголема предвидливост и стабилизација и за кредитирањето и за штедењето. По период на зголемени каматни стапки и глобални неизвесности, се очекува постепено смирување на инфлацијата и појасни сигнали од монетарната политика, што ќе создаде посигурна основа за финансиско планирање и кај граѓаните и кај компаниите.

За граѓаните тоа значи дека кредитите ќе останат достапни, но со внимателно управување со трошоците и поголем фокус на одржливоста на личните финансии. Особено кај станбените кредити, ќе продолжи интересот, при што банките ќе нудат решенија прилагодени на реалните можности на клиентите. Во исто време, штедењето повторно ја добива својата вредност. Во период на стабилизација на каматните стапки, штедачите можат да очекуваат дека реалните каматни приноси на штедните производи ќе останат поволни во споредба со периоди на многу ниски стапки и ќе овозможуваат посолидни и пореални приноси, особено за орочените депозити.
За компаниите 2026 ќе биде година во која финансирањето ќе биде насочено кон квалитетни инвестиции, развој и зголемување на конкурентноста. Кредитната поддршка ќе биде достапна за фирми со јасни деловни планови, стабилни парични текови и проекти што создаваат долгорочна вредност, особено кај малите и средни претпријатија.
Халкбанк и досега водеше и ќе продолжи да води посебна грижа за своите клиенти, нудејќи атрактивни и конкурентни услови и за кредитните производи и за депозитите. Нашата политика е јасна – стабилни, транспарентни и одржливи решенија, со атрактивни каматни стапки прилагодени на пазарните услови и реалните потреби на клиентите. И во 2026 година ќе продолжиме со ваквиот пристап, со цел да обезбедиме долгорочна сигурност, доверба и поддршка за домаќинствата и бизнисите.
Во целина, очекуваме 2026 да биде година на разумни одлуки, балансиран раст и зајакнување на довербата во банкарскиот систем, каде што и кредитите и штедењето ќе имаат стабилна и одржлива улога во економијата.
Банкарскиот сектор веќе влезе во фаза на засилена конкуренција што се темели на иновации, дигитализација и персонализиран пристап кон клиентите, а 2026 година дополнително ќе го забрза овој процес и ќе донесе уште посилна конкуренција меѓу банките. Клиентите веќе не очекуваат универзален банкарски производ, туку решение што одговара на нивниот начин на живот или деловно работење. Очекуваме дека засилената конкуренција ќе влијае позитивно врз клиентите – преку намалување на оперативните трошоци, поголема ефикасност, подобра контрола на личните и деловните финансии и повисоко ниво на задоволство.
За Халкбанк, фокусот останува јасен: дигитализацијата да значи пониски оперативни трошоци, побрзи услуги и повисоко задоволство на клиентите. Во таа насока, Банката континуирано развива нови и унапредени производи и услуги, со силен фокус на дигитални решенија, пакет-понуди и персонализирани продукти прилагодени на различни сегменти – од граѓани и млади, до мали и средни претпријатија и корпоративни клиенти. Нашата цел е клиентите да добијат повеќе вредност преку интегрирани услуги на едно место, со јасни и транспарентни услови.
За Халкбанк, дигитализацијата не е само технолошка инвестиција, туку стратешка определба за подобро корисничко искуство. Во 2026 година ќе продолжиме да воведуваме иновативни решенија што им заштедуваат време и пари на клиентите, ја поедноставуваат секојдневната комуникација со банката и овозможуваат персонализирани понуди според реалните потреби. Нашата цел е јасна, модерна, достапна и Банка ориентирана кој клиентите што всушност расте заедно со нив.
Најголемите ризици за банкарскиот сектор во 2026 година ќе произлегуваат од комбинација на економски, геополитички и технолошки фактори, но банкарскиот систем влегува во овој период значително поподготвен отколку во претходните периоди.
Еден од клучните ризици и понатаму е можната нестабилност во глобалната економија, која може да се одрази врз дел од компаниите, особено оние зависни од извоз, енергенси или надворешни пазари. Во такви услови, ризикот од зголемени нефункционални кредити останува присутен, иако е под контрола. Дополнително, промените во каматните стапки и инфлацијата, иако поумерени, сè уште бараат внимателно управување, и од страна на банките и од страна на клиентите.
Сè поголем ризик претставуваат и сајбер-заканите и оперативните ризици поврзани со забрзаната дигитализација. Затоа, инвестициите во безбедноста на системите, заштитата на податоците и континуитетот на работењето стануваат подеднакво важни како и традиционалното управување со кредитниот ризик. Во исто време, регулаторните барања стануваат пософистицирани, што бара континуирано усогласување и висока институционална дисциплина.
Халкбанк е добро позиционирана да ги апсорбира овие ризици. Банката располага со стабилна капитална и ликвидносна позиција, конзервативен пристап во кредитирањето и развиени системи за управување со ризици, усогласени со најдобрите меѓународни стандарди. Постојано вложуваме во јакнење на дигиталната и оперативната безбедност, како и во професионален развој на кадрите, што ни овозможува навремено да ги препознаеме и ублажиме потенцијалните шокови.
Нашата цел не е само да ги апсорбираме ризиците, туку и да обезбедиме континуитет, стабилност и сигурност за клиентите. Во 2026 година остануваме фокусирани на одговорно банкарство, долгорочна стабилност и заштита на довербата, која е најважниот капитал на банкарскиот сектор.
Подготви: Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








