Економската активност во Македонија почна значајно да забавува во втората половина на март (крајот на првиот квартал). Проценката е дека вкупниот економски пад за 2020 година ќе биде -3,8%. Тој се очекува да достигне најголем интензитет во вториот квартал (-12,7%), а согласно на претпоставките, следните квартали да забележат економска консолидација, се вели во соопштението на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк (Finance think).
Забавувањето е доведно главно од две тенденции:
- Затварањето на фирмите, главно во угостителско-хотелиерскиот сектор и секторот трговија на мало, како резултат на одлуките на Владата со цел спречување на ширењето на ковид-19;
- Намалувањето на обемот на производство (а во некои случаи и привремено запирање на производството) во компаниите чиј синџир на снабдување и/или испорака е значајно нарушен поради намалената мобилност со цел спречување на ширењето на ковид-19.
Според ограничените податоци со кои располагаме во моментот, проектирањето на динамиката на економската активност во следните квартали од 2020 година е особено тешко и соочено со следните неизвесности:
Колку долго ќе траат мерките од домашните здравствени власти со кои се ограничува или стопира економската активност;
Колку долго ќе биде ограничена меѓународната трговија, детерминирана од одлуките на Светската здравствена организација и следствените одлуки на националните здравствени власти кај земјите трговски партнери;
Дури и по олабавувањето на рестрикциите наметнати од здравствените власти, колку брзо ќе се одвива заздравувањето на економијата во смисла на заздравувањето на меѓународната трговија (наспроти повикот од многу национални власти за фокус врз потрошувачка на домашни производи) и бихевиоралниот одговор на потрошувачите (на пример, дури и во случај на целосно укинување на сите рестрикции, дали, кога и колку потрошувачите ќе сакаат да користат услуги на ресторани, меѓународно патување…
И покрај огромните неизвесности, Фајнанс тинк презеде чекор за проектирање на динамиката на економската активност низ 2020 година.
Проекцијата која ја претставуваме се базира на следните претпоставки:
– Мерките за спречување на ширењето на ковид-19 ќе останат на сила во целосен интензитет најмалку до крајот на април 2020, по што ќе следува постепено олабавување до втората половина на мај 2020;
– Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината/крајот на мај 2020 година;
– Фирмите кои се дел од меѓународните синџири на снабдување постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина од јуни 2020 година;
– Мерките за помош на фирмите од Владата кои се објавени во моментот на пишување на овој ФТ Став ќе бидат во полна имплементација најдоцна до почетокот на мај 2020, оневозможувајќи нагол скок на невработеноста (отпуштање на работниците, наместо нивно задржување со помош на владините мерки);
– Потенцијалниот недостиг на средства за финансирање на објавените мерки и нови мерки кои евентуално би биле донесени ќе бидат обезбедени навремено од домашни или меѓународни извори на финансирање, така што довербата на економските агенти во носителите на економските политики нема да се соочи со драстични падови.
Врз основа на овие претпоставки, Фајнанс тинк проектира вкупен економски пад за за 2020 година од -3,8%. Тој се очекува да достигне најголем интензитет во вториот квартал (-12,7%), а согласно на претпоставките, следните квартали да забележат економска консолидација.
На следниот графикон се претставени проекциите за растот на БДП, заедно со интервалот на доверба, кој ја отсликува неизвесноста сврзана со погорните претпоставки.
Напоменуваме дека интервалот на доверба на погорните проекции е поголем од вообичаено, поради големата неизвесност во проектирањето. Секое отстапување од претпоставките ќе ги измести и погорните проекции. Поскоро олабавување на рестрикциите од здравствените власти ќе го намали проектираниот пад. Пролонгирање на овие рестрикции, особено во услови на забрзување на растот на бројот на заразени лица, ќе го зголеми проектираниот пад“, се вели во ставот на ФТ.
Поради ова, Finance Think будно ќе ја следи состојбата и соодветно ќе ги ревидира погорните проекции како што претпоставките се менуваат и/или доаѓаат нови информации