До 1955 година Кисела Вода било скопско село. На 28 јуни 1955 година, со Законот за подрачјата на околиите и општините во тогашна Народна Република Македонија била формирана Општина Кисела Вода. Оттогаш таа континуирано расте. Се зголемува бројот на зградите, на населението, но и на компаниите што се со адреса токму во оваа општина.
Анализата на порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа покажува дека и самите компании растат. Најголемите 10 компании имаат и поголеми приходи и поголеми добивки. Така, ТОП 10-те компании по приход во оваа општина во 2024 година направиле вкупен приход од 453 милиони евра, а во 2023 година – 431 милион. Вкупните добивки на ТОП 10-те најпрофитни компании во оваа општина биле 55,1 милион евра, а истите компании во 2023 година со заеднички сили создале профит од 44,6 милиони евра. Десетте најголеми работодавачи во општината имаат вкупно 4.802 вработени, а вкупниот број на вработените во истите фирми во 2023 година бил 4.957.
Извор: Бизнис Мрежа
АДРЕСА НА ЦЕМЕНТАРА, ОБЛОЖУВАЛНИЦИ, ПРОДАВНИЦИ
Oпштината Кисела Вода е локацијата во личната карта на цементарницата УСЈЕ, на две компании за обложување, на трговски синџири…
На самиот врв по приход и по добивка во Општината убедливо се издвојува ТИТАН УСЈЕ.
Почетокот на приказната на ТИТАН УСЈЕ е тесно поврзан со идејата и потребата за
индустријализација на Скопје, како и искористувањето на изобилството од лапорец во близината на градот. Во јули 1951 година Владата на Народна Република Македонија ја донела одлуката за
формирање претпријатие ‒ фабрика за цемент УСЈЕ, а локацијата е тогашното село Кисела Вода. Минатогодишниот приход на компанијата е 104 милиони евра, но е помал отколку во 2023 година за 1,3 насто.
На второто место е СПОРТ – ЛАИФ ТРЕЈД со приход од 90 милиони евра. Помал приход направила ЗЛАТНА КОПАЧКА, но сепак со промет од 33,3 милиони евра не само што влегла во ТОП 10 туку се позиционирала на високо трето место.
Најголемите приходи во Општината се движат од 17,1 до 104 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
НАЈПРОФИТНИТЕ НЕ РАЗГОВАРААТ ЗА ПОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА
Кај десетте компании по добивка во Општина Кисела Вода нема фирма што има профит под 1 милион евра. Најголем профит има ТИТАН УСЈЕ, кој има чиста заработка од 31 милион евра, а најмалата добивка од 1,5 милиони евра е кај МОТОЦЕНТАР.
Сите компании има раст на добивката, освен информатичката компанијата АИТОНИКС, која има пад на профитот од 22,3 насто и компанијата за обезбедување на имот и лица НИКОБ. Најголем раст, од дури 447,6 насто има бугарската компанија за игри на среќа Друштво за трговија и услуги ЕВРО ГЕЈМС ТЕХНОЛОЏИ.
Извор: Бизнис Мрежа
ЦЕНТАР НА ЛИЦА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ
Најголем работодавач од Општина Кисела Вода е НИКОБ, вработува 1.342 луѓе. Но, компанијата има помалку вработени отколку во 2023 година, кога таму работеле 1.673 лица. Уште една компанија за обезбедување има адреса во Кисела Вода, а тоа е ОСА и таа лани вработувала 354 луѓе, што е повеќе отколку во 2023 година, кога имала 338 вработени.
И другите работодавачи во ТОП 10 компании по број на вработени имаат голем број на работници.
Извор: Бизнис Мрежа
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.