ПОВЕЌЕ

    Фабриката на „Магна“ во Штип ќе отвори 600 работни места со плати над државниот просек

    Време зa читање: 2 минути

    Повеќе од 600 работни места и плати 20 насто повисоки од државниот просек ќе донесе втората инвестиција на канадската „Магна Интернационал“ во Штип. Со ова, покрај фабриката во ТИРЗ Струга, компанијата го проширува обемот на делување во Македонија.

    „Магна“ се вбројува меѓу најреномираните светски компании, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на производителите на автомобили во светот.

    Денешниот настан е доказ дека во земјава има поволна бизнис клима за привлекување нови, но и за развој на постојните странски инвестиции, смета премиерот Димитар Ковачевски.

    „Оваа инвестиција ја дополнува листата на најзначајните големи инвестиции од светски реномирани компании кои ја одбираат токму нашата земја како нивна инвестициска дестинација. Ова е јасен сигнал дека Македонија нуди поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите за нови инвестиции“, нагласи премиерот, додавајќи дека доаѓањето на познати странски компании значи и повисок инвестициски рејтинг на државата, отворање на нови и подобро платени работни места и можности за докажување на стручноста на нашите граѓани.

    Според него, Владата и ТИРЗ постигнале договори за над 850 милиони евра инвестиции, што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните десет години. Бројот, пак, на вработени во овие зони во април бележи раст и е за 15 проценти повисок од истиот месец лани. Исто така, нагласи, зголемен е и извозот – за 12 насто. Раст е забележан и во приливот што од овие странски инвестиции доаѓа во државната каса – лани уплатиле 35 проценти повеќе средства во однос на 2021 година.

    Втората фабрика е уште една одредница за проширување на работата, за зголемување на можностите на регионот и за поддршка на клиентите со иновативни производи, изјави Дејвид Креспи, потпретседател на „Магна Интернационал“. Тој посочи дека компанијата е благодарна за владината поддршка и потврди дека остануваат посветени на истражувањето дополнителни можности за раст.

    „Со оваа инвестиција обезбедуваме право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион, со плати 20 проценти над државниот просек, потенцира директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, кој посочи дека е задоволство по една година преговори да се присуствува на поставување камен темелник за нова фабрика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично