„Ова се нашите европски вредности. Луѓе и нации се обединуваат во пријателско натпреварување. Кој и да си – млад, не толку млад, хетеро, или геј, ако си жена, маж или небинарен – сето тоа е совршено прифатливо. И мислам дека не само Базел, туку и цела Европа треба да застане зад овие вредности“ – вели Крамер претседателот на извршниот совет на кантонот Базел Штат
Во очекување на изборот на песна за Евровизија овој викенд, швајцарскиот космополитски град Базел се подготвува за незапаметена забава.
Шефот на извршната власт на Кантонот Базел Штат, Конрадин Крамер, верува дека неговиот град ќе биде прекрасен домаќин и вистински дом за околу половина милион посетители кои се очекуваат на годинашниот избор за песна на Евровизија во сабота.
Позициониран на тромеѓето меѓу Франција, Германија и Швајцарија, Базел се смета за „срцето на Европа“, благодарение и на својата долга хуманистичка традиција: кога другите градови во средновековна Европа ги прогонувале слободоумните, Базел ги прифаќал.
Базел и Евровизија – со нејзината традиција на инклузивност и различност, според многумина – се идеален пар.
„Кодот на Немо“ ја поттикна инклузивноста
Пред токму 36 години Швајцарија последен пат беше домаќин на евровизискиот натпревар, откако Селин Дион во 1988 година ѝ донесе победа на Швајцарија.
Токму оваа неутрална алпска земја беше домаќин на првата Евровизија во Лугано во 1956 година, но по победата на Дион во Даблин, швајцарските резултати на евровизиските натпревари беа просечни.
Традицијата на просечност ја прекина швајцарскиот пејач Немо кој, конечно, победи минатата година со песната „The Code“.
Глобалната дебата за различност и инклузивност доби поинаков квалитет откако Немо стана првиот небинарен победник на Евровизија.
Во чест на тоа, Базел е решен да ја направи оваа Евровизија незаборавна. Со должина од 1,3 километри, евровизискиот тиркизен тепих ќе биде најдолгиот во историјата на овој фестивал, протегајќи се од Градското собрание на Базел, преку реката Рајна, па сè до Евровизиското село.
Против дискриминација со 1.300 полицајци и со мобилни тимови
И покрај тоа што во Базел се очекуваат нови протести против војната во Газа, полицијата сè уште нема објавено конкретни планови за справување со нив, но истакна дека секој има право да го изрази своето мислење, сè додека тоа не ја загрозува безбедноста на другите.
Во текот на целиот настан, ќе бидат ангажирани 1.300 полицајци, а Базел веќе го презентираше својот безбедносен план за непречено уживање во настанот. Со таа цел ќе бидат вклучени и таканаречени „мобилни тимови за свесност“, безбедни простори за жртви на насилство или непријателство и 24-часовна телефонска линија. Концептот, којшто локалните власти го опишуваат како уникатен, има цел да спречи насилство, сексуално вознемирување и расистички напади или навреди.
Тимовите за свесност, препознатливи по розевите јакни, ќе бидат достапни 24 часа низ целиот град.
Ќе има за секого по нешто
Билетите за самото финале се распродадоа за неколку минути, со оглед на релативно ниските цени за Швајцарија, каде концертите се прилично скапи. Па така, билетите за финалната вечер чинат од 90 до 350 франци, а за дневните проби за финалето чинат 25 до 100 франци. Цените на билетите за полуфиналето чинеа 70 до 270 франци, а за пробите на двете полуфинални вечери од 10 до 60 швајцарски франци.
Базел ветува дека ќе има „за секого по нешто“, со или без билет – и поголемиот дел од програмата ќе биде бесплатна – низ целиот град ќе има огромен број уметнички настани
Базел има 40 музеи и галерии на само 37 квадратни километри и сите, на некој начин ќе учествуваат во евровизискиот спектакл.
Изложба со дела од Енди Ворхол, Марк Ротко, Василиј Кандински и Пабло Пикасо е отворена во Фондацијата Бејелер, каде што на покривот е поставена скулптурата во облик на виножито „We are Poems“ од швајцарскиот уметник Уго Рондиноне.
Бунт на конзервативните струи
Инаку, крајната одлука Базел да биде домаќин на годинешната Евровизија во Швајцарија беше донесена дури на крајот од август минатата година, оставајќи само седум месеци за подготовка.
Потоа следеа приговори од евангелистички христијански групи, кои тврдеа дека Евровизија ги поткопува традиционалните семејни вредности и дека изведувачите честопати пејат за сатаната и окултното. Тие дури собраа доволно потписи за да иницираат референдум за забрана на јавни средства за настанот.
Но, на 24 ноември гласачите во Кантон Базел Штат на референдум со големо мнозинство го поддржаа одржувањето на Евровизија – со 66,6 проценти, и така го одобрија буџетот за Евровизија од речиси 40 милиони долари. Конрадин Крамер очекувал да се случи референдум, затоа што „така функционира Швајцарија, и тоа е во ред“. Но, бил воодушевен особено од поддршката: „Тоа покажува дека Базел е град во кој луѓето навистина го сакаат овој настан“.
На сцената и во бекстејџот, правилата се построги. ЕБУ (Europian broadcasting union), организацијата што го води натпреварот, се држи до своето правило – изведувачите можат да носат само знамиња на својата земја на сцената или во Зелената соба. Тоа значи дека не смеат да носат знамиња на ЛГБТ заедницата или други знаци на родов идентитет.
Фановите, сепак, ќе можат да внесат какви било знамиња во арената.
Преку Атлантикот, администрацијата на Доналд Трамп активно ја повлекува државната поддршка за мерките за различност и инклузивност, и бара од поврзаните европски институции (вклучувајќи некои швајцарски универзитети) да го направат истото.
„Затоа Базел“, вели Крамер за светските медиуми, „треба да заземе став – дури и ако тој е спротивен на ставот на ЕБУ”.
„Ова се нашите европски вредности. Луѓе и нации се обединуваат во пријателско натпреварување. Кој и да си – млад, толку млад, хетеро, или геј, ако си жена, маж или небинарен – сето тоа е совршено прифатливо. И мислам дека не само Базел, туку и цела Европа треба да застане зад овие вредности“ – додава Крамер.
(фото: eurovision-basel.ch/eurovision.tv)
Мимоза Петревска Георгиева