ПОВЕЌЕ

    ЕВРОПСКИТЕ ГРАНИЦИ ПРЕД НОВ ПРИТИСОК: Камионџиите од Балканот најавуваат блокади

    Време зa читање: 3 минути

    На 26 јануари товарниот сообраќај кон земјите од Шенген зоната може целосно да застане. Превозниците од Србија и од Босна и Херцеговина најавуваат координирани блокади на сите гранични премини за товар, како радикален чекор по, како што велат, двегодишно игнорирање на нивните предупредувања за проблемите што ги создава новиот систем за влез и излез – EES. Пораката е јасна: ако нема слух за реалноста на терен, ќе има застој што ќе го почувствуваат и европските пазари.

    Протестот, според најавите, нема да го засегне патничкиот сообраќај. Камионите ќе останат паркирани на товарните терминали, со што увозот и извозот практично ќе бидат замрзнати. „Синџирите на снабдување не функционираат без нас“, порачува претседателот на Здружението за меѓународен транспорт од Србија, Неѓо Мандиќ, нагласувајќи дека станува збор за предупредување кое одамна се подготвува, а не за избрзана реакција.

    Во фокусот на незадоволството е системот EES, кој ги регистрира влезовите и излезовите од Шенген зоната и, според превозниците, воведува дополнителни административни и временски бариери. Тие тврдат дека новите правила директно го ограничуваат бројот на денови што можат да ги поминат на територијата на Шенген, со што се доведува во прашање економската одржливост на нивната работа. Проблемот, дополнително, се продлабочува со фактот дека постојните билатерални квоти за транспорт меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, како што велат, речиси и да не се применуваат во пракса.

    Според Мандиќ, превозниците со месеци се обидувале да најдат решение по дипломатски пат. Испраќале писма до Европска комисија, комуницирале со надлежните институции во Србија и во БиХ и имале средби во Брисел, но без конкретен исход. Откако истекол и последниот рок што самите си го поставиле, одлуката за протест станала неминовна. Целта, вели тој, не е блокада по секоја цена, туку отворање сериозен разговор за ревизија или пофлексибилно толкување на правилата во рамките на Шенгенска зона.

    Превозниците потсетуваат дека тие транспортираат стока купена и продадена од европски компании и дека, во суштина, функционираат како прекугранични работници за европската економија. Затоа сметаат дека постои простор проблемот да се реши со поедноставно и попрактично толкување на постојниот систем, но додаваат дека засега не гледаат подготвеност за таков дијалог од другата страна.

    Доколку блокадите започнат и потраат, последиците нема да останат само на границите. Застои во снабдувачките ланци, дополнителни трошоци за стопанството и притисок врз увозно-извозните компании се сценарија кои веќе се споменуваат. Превозниците најавуваат дека протестите ќе траат онолку долго колку што е потребно за нивните барања да бидат слушнати, уверувајќи дека топката сега е во дворот на Брисел.

    (Фото:Wikimedia Commons, Leonhard Lenz, Creative Commons Zero)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично