
Европската Унија направила стратешка грешка со тоа што го намалила уделот на нуклеарната енергија во производството на електрична енергија, оцени претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупредувајќи дека Европа не треба да се откажува од сигурни извори на енергија во време на растечки глобални енергетски ризици.
Говорејќи на настан посветен на нуклеарната енергија во Париз, фон дер Лајен изјави дека одлуката на дел од европските земји да го намалат користењето на нуклеарната енергија со текот на годините ја направила Унијата поранлива, особено поради зависноста од увоз на фосилни горива.
„Ова намалување на уделот на нуклеарната енергија беше избор. Верувам дека беше стратешка грешка Европа да му сврти грб на сигурен, достапен и нискоемисионен извор на енергија“, рече таа.
Според неа, во 1990 година нуклеарната енергија обезбедувала околу една третина од електричната енергија во Европската Унија, додека денес нејзиниот удел се намалил на околу 15 проценти. Тоа, според Брисел, ја зголемило зависноста на Европа од увоз на нафта и гас, што стана особено видливо во периоди на геополитички тензии и енергетски кризи.
Како дел од новиот пристап кон енергетската безбедност, Европската Унија планира да го забрза развојот на нови технологии во нуклеарната енергија, особено на таканаречените мали модуларни реактори (SMR). Овие реактори се сметаат за пофлексибилни и поевтини за изградба, а можат да играат важна улога во обезбедувањето стабилно производство на електрична енергија со ниски емисии на јаглерод.
Фон дер Лајен најави дека Европската Унија ќе обезбеди гаранција од 200 милиони евра за поддршка на инвестициите во развојот на оваа технологија. Средствата ќе бидат обезбедени преку европскиот Систем за трговија со емисии.
„Гледаме глобално оживување на нуклеарната енергија и Европа сака да биде дел од тој процес“, рече таа, додавајќи дека целта е новите реактори да станат оперативни на почетокот на следната деценија.
Претседателката на Европската комисија истакна дека актуелните енергетски тензии, дополнително засилени од војната на Блискиот Исток и нестабилноста на енергетските пазари, се јасен сигнал дека Европа мора да ја зајакне сопствената енергетска независност.
Според неа, идната енергетска стратегија на Европската Унија ќе се темели на комбинација од обновливи извори и модерна нуклеарна технологија, со цел да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на емисиите и помала зависност од увоз на фосилни горива.
(Фото: European Union, 2026, CC BY 4.0)
Аналитика








