Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе ја продолжи работата на последните три германски нуклеарни централи, што се смета како игнорирање на Зелените во неговата коалициска влада. Насптори енергетската криза без преседан, владата досега се согласи само да задржи две од трите електрани по крајот на 2022 година, датумот првично планиран за исклучување на нуклеарните централи.
Во писмото од Шолц до владата се бара од министерствата за економија, животна средина и финансии да ја постават правната рамка за одржување на трите нуклеарни централи во земјата – Исар 2, Некарвестхајм 2 и Емсланд – во функција до 15 април 2023 година.
Фабриката Емсланд, на северот на земјата, беше во срцето на конфликтор во рамките на владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите, која беше растргната поради решенијата што треба да се најдат за енергетската криза предизвикана од војната во Украина.
Канцеларот конечно пресече во понеделникот, бидејќи најголемата европска економија итно се обидува да ја намали својата зависност од рускиот увоз на енергија, особено од гасот. Нуклеарната енергија моментално произведува 6% од нето електричната енергија на Германија.
Министерот за правда Марко Бушман и министерот за финансии Кристијан Линднер од центристичката Слободна демократска партија (ФДП) ја поздравија одлуката на Шолц на Твитер како „здрав разум“ и во „витален интерес на земјата“.
Но, одлуката е дополнителен удар за германскиот министер за економија, зелениот Роберт Хабек, чиешто триење со Линднер станува се поочигледно.
Таблоидот „Билд“ рече дека одлуката на Шолц била „шлаканица“ за Хабек, иако министерката за животна средина Штефи Лемке – исто така од Зелените – рече дека тоа е само застој во нуклеарното укинување. Таа на Твитер објави дека нема да има „продолжување на животот“ на нуклеарните централи по средината на април.
Гринпис одлуката на Шолц ја нарече „неодговорна“. „Продолжувањето на животниот век на нуклеарните централи не изложува сите нас на неоправдан ризик“, рече извршниот директор на Гринпис Германија, Мартин Кајзер.
Првично, Германија, каде што голем дел од населението е непријателски настроена кон нуклеарната енергија, планираше да ги затвори последните три оперативни нуклеарни реактори на крајот на 2022 година. Но, владата на Олаф Шолц ја смени оваа одлука по руската инвазија на Украина и во септември одлучи да продолжи две од трите преостанати централи до пролетта 2023 година, обвинувајќи ја Франција за нејзината лоша електрична мрежа.
Дваесет од 56-те реактори во Франција не работат поради проблеми со одржување или корозија. Француската државна енергетска компанија EDF вети дека ќе ги рестартира постепено до февруари 2023 година.
Германските либерали би сакале да одат подалеку од пролетта 2023 година и да ги задржат трите централи во функција подолго, додека Зелените се историски длабоко антинуклеарни.
Соочена со заканата од недостиг на енергија оваа зима, германската влада веќе одлучи да ја зголеми употребата на јаглен. Работата на неколку електрани на јаглен се продолжува до пролетта 2024 година, иако си постави цел да се откаже од употребата на јаглен до 2030 година.
Шведската активистка Грета Тунберг во неодамнешното интервју за германската телевизија изјави дека би било подобро да се продолжи со користење на постоечките нуклеарни централи во Германија отколку да се префрли на јаглен.
Распоредот за постепено укинување на нуклеарната енергија го одлучи Ангела Меркел по катастрофата во Фукушима во Јапонија во 2011 година.