Првата странска инвестиција годинава е од мултинационалната водечка компанија за аутсорсинг услуги ЕМАПТА. Ќе отвори деловен простор на површина од шест илјади метри квадратни во ТИРЗ Скопје 1, со план да вработи 850 млади луѓе во наредните пет години, односно повеќе од 10 илјади за една деценија. А, само за плати годишно ќе се вложуваат над 15 милиони евра.
ЕМАПТА веќе една година e присутна во земјава, има канцеларии во Скопје и има вработува 30 лица, посочија на промоцијата на новата инвестиција премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој наведе дека основачот на компанијата е од Австралија.
За да добие државна поддршка, компанијата мора да има најмалку сто вработени ксо плата од минимум илјада евра. По вработен, поддршката ќе изнесува 3.250 евра.
За успесите на компанијата зборува фактот дека има мрежа која се протега низ цела Европа, Јужна Америка и со силно глобално присуство во Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд… Има портфолио од 730 компании – клиенти и 7.600 вработени ширум светот, нагласи премиерот. Притоа додаде дека е прогласена за еден од најдобрите работодавачи во Азија од Yahoo Finance.
„Со проширувањето на ЕМАПТА во земјава и нивната инвестиција во ТИРЗ Скопје 1 воведуваме нов пристап кон диверзификација на инвестициите и проширување кон услужните дејности. Преку ЕМАПТА, нашите млади луѓе ќе работат за компании од светски ранг, ќе станат дел од глобалните текови. Ќе работат локално, но ќе делуваат глобално.
Со тоа и Северна Македонија станува дел од светските глобализациски трендови“, рече Ковачевски.
На глобално ниво ЕМАПТА обезбедува квалитетна работна сила за своите клиенти, а нејзината мрежа вклучува оперативни капацитети во Азија, Европа, Јужна Америка и Австралија.
Компанијата е основана од Тим Ворбах во 2010 година, во Австралија. Работи според концептот one-stop-shop и нуди широк спектар професионалци и дејности, со цел да ги задоволат различните барања и потреби на компаниите – клиенти. Понудата на професионални услуги и таленти се насочени кон клучните вертикални пазари, вклучувајќи ИТ и ИКТ, медицина, телеоператори и телекомуникации, IoT (Internet of Things), софтверски инженеринг, истражување и развој во компјутерски технологии, сметководство, продажба… Во 2022 остварила приходи од 2,8 милијарди долари, а за 2023 биле проектирани три милијарди американски долари.
Финансиските проекции на ЕМАПТА Македонија растат за 2027 предвидуваат приходи од 14 милиони евра, а до крајот на инвестицискиот проект во 2033 – 66 милиони евра.
Целната група се млади квалитетни лица, најчесто со високо образование, кои ќе останат во државата и ќе работат за странски клиенти.