Македонската економија оствари скромни резултати во првиот квартал од 2020, со раст на БДП од 0,2%. Иако се очекуваше забавување на економскиот раст, овој резултат е помал од проекциите и очекувањата, вклучително и проекциите на Македонија2025. Податоците трговијата, градежништвото, податоците за надворешно-трговската размена, итн., за месеците јануари-март укажаа на повисока стапка на раст на производството, особено ако се има предвид дека негативните ефекти почнаа да се чувствуваат во втората половина на март.
Ниските перформанси во првиот квартал од 2020 делумно се поради повисокиот пораст остварен во првиот квартал од минатата година (Слика 1). За споредба, податоците на Евростат за 27-те земји членки на ЕУ укажуваат на просечен пад на БДП од -2,5% за земјите-членки на ЕУ за првиот квартал на 2020 година. За земјите од регионот, податоците се достапни само за Србија, каде растот на БДП во првиот квартал од 2020 година достигна 5%.
Слика 1: Квартални стапки на раст на реалниот БДП, во%
Извор: Државен завод за статистика на Македонија
Слика 2 ги прикажува стапките на раст на расходните компоненти на БДП. Само крајната потрошувачка забележа позитивна стапка на раст од 1,5%, главно како резултат на зголемување на јавната потрошувачка од 2,4%, иако приватната потрошувачка исто така се зголеми за 1,2%. Оттука, крајната потрошувачка е единствениот позитивен двигател на растот, придонесувајќи 1,3 процентни поени на вкупната стапка на раст. Од друга страна, нето-извозот и бруто инвестициите негативно се одразија на економскиот раст за – 0,9 и – 0,2 процентн, респективно. Ова главно се должи на застојот во меѓународната трговија како резултат на намалената понуда и побарувачка за производи и услуги, како во Македонија, така и во сите други земји (и нашите најголеми трговски партнери).
Слика 2: Стапки на раст на БДП според пристапот кон расходите, првиот квартал од 2020
Извор: Државниот завод за статистика на Северна Македонија
Податоците за БДП според пристапот на производство покажуваат дека пет сектори на економијата забележале позитивен раст и придонеле за растот на БДП во првиот квартал од 2020. Меѓу нив, секторите со најзначаен позитивен ефект врз БДП се: недвижнини со 0,8 процентни поени придонес кон растот и информациии и комуникации со придонес кон додадена вредност од 0,7 процентни поени. Најголем пад, од друга страна, забележа секторот Рударство, производство, електрична енергија и управување со отпад , со пад на производството во првиот квартал од 2020 од 5,1% (Слика 3). Иако одредени сегменти на трговија бележат раст во јануари-март (претежно сектори за производство на храна и безалкохолни пијалоци), трговијата како целина има негативна стапка на раст во К-1.
Слика 3: Стапки на раст на реалниот БДП по сектори на производство, прв квартал од 2020
Извор: Државен завод за статистика на Македонија
И покрај неповолните движења на производството во првиот квартал од 2020, пазарот на трудот го продолжи позитивниот тренд. Според теоријата и практиката, развојот на БДП (производна страна) влијае на вработувањето и пазарот на трудот со одредено временско заостанување. Како што покажува слика 4, стапката на невработеност падна на 16,4% во К-1, од 18,1% пред една година. Во исто време, стапката на вработеност се зголеми за 1,7 процентни поени на 55,6%, во однос на истиот квартал лани.
Слика 4: Индикатори на пазарот на трудот (население од 15-64 години, во%)
Извор: Државен завод за статистика на Македонија
Според проекциите и прогнозите на домашните и странските економски институции, и Владата, најголем пад на БДП се очекува во втор квартал на 2020 година, во период кога се засили кризата и беа на сила најсилните рестриктивни мерки за работа на одредени индустрии.
Погледнете ја листата на Топ 100 најголеми работодавачи за 2019-та година.
Дознај кои се 100-те најголеми компании по приходи во Македонија, –> [ топ 100 најголеми ]