ПОВЕЌЕ

    Игнорирање на ефикасноста – изгубена можост за повисоки профити

    Време зa читање: 3 минути

    Трендовите на глобализација и напредокот во технологијата овозможија значително зајакнување на конкуренцијата. Притоа, во услови на високо конкурентни пазари може да преживеат само компании кои имаат воспоставено проактивен пристап за стекнување на конкурентска предност. Овој проактивен пристап подразбира континуирано подобрување на активности и зголемување на профитабилноста. Компаниите во развиените земји се во континуирана потрага за можности за подобрување на нивните активности и профитабилност. Со други зборови, компаниите се посветени на подобрување на ефикасноста во работењето.

    Треба да се напомене дека постигнување на ефективност без ефикасност може да создаде проблеми на долг рок. Да се биде ефективен, односно да ги оствариме целите само по себе, не е голем предизвик. Меѓутоа, предизвикот е да ги оствариме целите со најниски можни расходи без да се наштети на квалитетот на производот или услугата. Секоја компанија треба да се стреми истовремено  да постигне ефективност и ефикасност.

    Постојат бројни примери каде што управувањето со расходите овозможиле постигнување на конкурентска предност, дури и создавање на нови индустрии. На пример, индустријата за нискобуџетни летови е создадена благодарение на управувањето со расходите кои ги имале авиопревозниците. Цените на авиобилетите биле високи неколку децении, пред некој претприемач да се сети дека голем дел од генерираните трошоци може да се елиминираат доколку се лета на поблиски релации. На овој начин се појавуваат бројни компании кои продаваат авиобилети по далеку пониски цени во Европа и САД.

    Важноста на трошоците може да се согледа и во самиот факт дека профитабилноста може да се зголеми на два начина, или со зголемување на продажбата, или со намалување на трошоците. Притоа, кога се зборува за зголемување на профитот преку намалување на трошоците, сопствениците/менаџерите на компании во земјите во развој најчесто подразбираат отпуштање на вработените. На краток рок ова би го зголемило профитот, меѓутоа на долг рок може да доведе до пропаѓање на компанијата, бидејќи не е посветено внимание на ефикасноста на секој процес поединечно.

    Преземање на било каква активност со изговор дека ќе ги намалиме трошоците без претходна анализа, може да доведе до зголемување на трошоците во иднина. Отпуштање на вработени, без да се направи евалуација дали и колку тие вработени придонесуваат за компанијата, е процес кој се прави од неукост.

    Секоја компанија треба да биде детално запознаена со секојдневните процеси и активности кои се извршуваат во компанијата. Треба да има воспоставено контрола врз нивото на трошоци кои се назначени за секоја активност и процес. Доколку се раководиме согласно проактивниот пристап, тогаш една организација треба да има воспоставено систем за континуирано следење на новитетите кои би овозможиле подобрување на ефикасноста или прилагодување на производите и услугите. Компанијата „Икеа“ би била соодветен пример за важноста на трошоците. Имено, основачот на „Икеа“ воочил дека постои потенцијален пазар за евтин мебел. Од друга страна, исто така креирал производи каде што дел од активностите се извршуваат од страна на купувачите (самото монтирање и склопување на мебелот).

    Во некои компании не постои воспоставен систем за контрола на трошоците до тој степен, што газдата чека до крајот на месецот за да знае дали е во добивка или не. Со други зборови, на крајот на месецот газдата гледа колку приходи се остварени и колкаво е нивото на расходи за тој месец, разликата ја категоризира како профит. Ваквиот пристап е целосно погрешен, бидејќи не се знаат активностите кои ги создале трошоците или производите и услуги кои генерирале приходи.

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично