МојВоздух е апликација која им е добро позната на сите граѓани кои сакаат да знаат што дишат, особено за време на зимските денови кога квалитетот на воздухот во македонските градови е од катастрофални размери. Апликацијата која буквално покрена протести и ја отвори темата за загадувањето во државата слободно може да ја наречеме најпопуларната македонска мобилна апликација. Во јули 2019-та МојВоздух, фокусиран на B2C сегментот, се ребрендираше во AirCare со цел полесен пласман на глобален пазар, проширувајќи се иницијално во околните балкански земји а потоа и низ светот.
Во оваа епизода на New Biz Podcast, Наташа Велковска разговара со Горјан Јовановски, креаторот на познатата апликација Мој воздух, еко-активист и софтверски инженер. Тој раскажува за тоа како ја добил идејата да ја лансира оваа апликација и за приказната за неговиот најнов проект Eartcare – платформата којашто доби инвестиција од 350.000 долари.
На прашањето ако се наврати сега на сите години што ги поминал, на сите активности, сите проекти и се она што го правел што е она што го определува каде што е сега во овој момент, Јовановски вели дека имало неколку клучни моменти низ детството.
„Првиот клучен момент беше кога бев прво одделение и беше Нова Година, мајка ми и татко ми наместо 10 подароци ми купија еден подарок и го ставија под елката, но заедно спакувавме неколку подароци – некои стари играчки што ги имав ги средивме, исчистивме и отидовме во Домот за деца без родители „11 Октомври“ и со помош на моите родители се организираше лотарија каде што им се даваа подароците на децата. А по „наредба“ на моите родители јас им ги давав подароците, целта им беше да научам дека Нова Година не е само за мене, не треба јас да сум центар на внимание, дека и другите деца се битни -Нова Година е за сите – мислам дека тука „се запали една сијаличка“ кај мене, дека сакам да правам нешто што е општествено корисно, благодарение на моите родители. Потоа следниот клучен комент беше кога живеев во Америка и учев во нивниот образовен систем и таму на многу друг начин, да речам на позитивен начин ми го насочија размислувањето околу животната средина, колку треба да се грижиме за неа. И затоа кога се вратив назад во Македонија ме чудеше зошто имаме ѓубре на земја, зошто луѓе плукаат по улица, зошто не го чуваме зеленилото. И третиот клучен момент кој исто така потекнува од Америка – концептот на garage sale – каде што еден тон работи ќе ги извадиш пред куќа, ќе дојдат луѓе и ќе си купат. Толку ми се допадна тој концепт што почнав во Скопје да го правам кога бев дете, се сеќавам во Козле ќе извадев маса на тротоар и ќе продавав. Соседите прво беа зачудени за таа постапка, но после почнаа да се вклучуваат и другите деца во улицата, направивме едно мало диво пазарче на 57-ка автобуската, дури и соседите ни носеа производи од секаков вид што не им требаат за да го продадеме. И тука се разбуди претприемачкото во мене, бидејќи таков излив на енергија добивав секојпат кога ќе се продадеше нешто, а ги продавав за катастрофална цена, за 10 денари. И комбинацијата на желбата за претприемништво и желбата за да придонесам за планетата Земја успеав да ги спојам за понатаму со љубовта кон технологијата го правам ова што денес го правам“, раскажува Јовановски.
Тој претходно работел четири години како софтверски инженер и тим лидер во Booking.com, холандскиот сајт за резервирање на хотелски соби, велејќи дека ова воопшто не му ни било планирано.
„Јас отидов во Холандија на мастер студии и кога ги завршив студиите работев во The Next Web, тоа беше мала фирма ама со голема позната конференција за технологија, многу познат сајт за претприемништво, тогаш јас бев многу возбуден и огромна желба имав да работам таму. Но во тој момент Booking дојдоа со понуда и отидов ради реда на интервјуто, воопшто не ни планирав да работам, сакав само да видам како изгледаат интервјуа, не очекував дека ќе има понуда, ниту пак дека ќе ја прифатам на крај. Така што Booking не беше иницијалниот план, но мислам дека многу ми овозможи со тоа што научив премногу и за технологијата, но и за менаџирање на луѓе. Јас бев менаџер таму, водев два тима. А и финансиската стабилност што ми ја даде Booking ми овозможи после работа во слободно време да можам да работам на свој старт-ап и сето тоа го гледам како добра појдовна точка која не беше плански направена, но се вклопи многу убаво во приказната“, објаснува Јовановски.
Спојот на грижата за животната средина, технологијата, претприемништвото му овозможила да се случи апликација за воздухот, тоа било комбинација од спонтана идеја за таква апликација и идејата за тоа која ќе биде најкористената апликација во моментот. „Тогаш студирав на ФИНКИ, и таму немаше предмет мобилни апликации, што значи дека сакав сам да научам како да правам апликации за мобилен телефон, до тогаш имав некои рудиментарни обиди што беа пола апликација пола веб страница и решив сега да одам директно да научам со туторијали на YouTube и преку тие туторијали да направам апликација – односно Hello world апликациите, прашањето ми беше дали може нешто поинтересно да направам и тогаш случајно налетав на веб-страницата на Министерство за животна средина каде што кажуваше колку е загаден воздухот надвор и при анализа на тие податоци сфатив колку е катасрофално и така добив на идеја да направам апликација, да имаме полесен пристап до овие податоци и за мене и за моите родители и за другарите, но само за околу нас, само во моја средина да гледаме колку е загадено и таман ќе ни биде еден експеримент во креирање на мобилни апликации. Воопшто не беше планирано од тогаш дека ќе направи голем бум или дека тоа треба да ми го смени мојот пат, кон активизмот да ме пренасочи“, појаснува Јовановски.
Тој смета дека пресвртот за бумот што се случил со оваа апликација е среќата и лансирањето во погоден момент.
„Јас тогаш ништо не знаев за претприемништво, ниту пак знаев маркетинг сгтратегија, не беше тогаш апликацијата Мој воздух наменета да биде бизнис, туку мој проект, но сепак се лансираше во декември 2014 година. Во пикот на загаденоста, што значи дека се погоди многу вистински момент и откако го постирав на социјални медиуми почнаа луѓе да го гледаат и да се интерсираат и да ги анализираат бројките и сфатија всушност колку многу е загаден воздухот, бидејќи дотогаш може велиш дека е загадено, ама не знаеш колку, и мислам дека шок-факторот многу помогна за да се пренесе пораката за луѓе да почнат да објавуваат по социјални медиуми. И традиционалните медиуми тука се појавија правеа интервјуа, мислам дека се случи сплет на околности и лансирањето во правилно време дозволи да направи таков публицитет за да „word od mouth“ преземе и за да се носи самата апликација. Првите година две мислам дека воопшто немавме ни реклами. Можеби на Time.mk имав нешто закупено некој банер ама најмногу апликацијата доби на публицитет од пренесување преку луѓе“, истакнува Јовановски.
Понатаму, тој вели дека прв приоритет било да не се расипува апликацијата и да не биде катастрофа. Кога станала популарна Мој возух почнала да не работи на пола телефони, бидејќи не била намената да се користи толку, па Јовановски учел брзо како да ги среди проблемите што се појавувале, како нови верзии да се пуштат, и да остане стабилна.
„Потоа се фокусирав на некои интересни моменти. Имаше еден модул којшто кажуваше колку цигари имаш испушено според она колку бил загаден воздухот надвор, имавме Кралство на воздухот-гемификација, да ме следи колку се движам, па да дава поени, па стануваш од витез во принц, во крал. Експериментиравме многу на стартот – тоа беше едниот фокус и другиот фокус беше да ја креираме IOS верзијата на апликацијата, затоа што јас бев Android developer и не знаев ништо од IOS и тука со помош на пријатели мои креиравме за повеќе луѓе да имаат можност да имаат пристап до овие информации“, вели Јовановски.
Но како дошол до идејата да биде бизнис, да размислува за инвестирање, за реклами односно огласувачи во рамки на апликацијата.
„Мислам дека тоа беше тогаш кога се преселив во Холандија на мастер студиите почнав да размислувам дека има многу посетители на апликацијата и дали има некој начин да се монетизира оваа работа, во најмала рака да се покријат трошоците којшто ги има апликацијата, така што тргна од идејата да видам дали може да покријам трошоци пред да размислувам дека може да се претвори во бизнис. Сакав да поставам реклами на апликацијата којшто ќе бидат многу релевантни на тематиката на апликацијата значи не да биде на пример исхрана – не нешто што ќе нема никаква поврзаност со темата и со публиката, туку сакав нешто што е со екологија, рециклирање, воздух. Првиот партнер ни беше Пакомак, и мислам дека откако се појави првиот банер и луѓе видоа дека има можност за рекламирање, почнаа да доаѓаат барањата од други фирми коишто изразија желба и тие да се рекламираат. Имаше популарност, луѓе споделува и screenshot што е секундарен маркетинг на социјални медиуми. И тек тогаш јас почнав да размислувам како ќе го водам сето тоа, колку ќе наплаќам, бидејќи ништо до тогаш за тоа не знаев. Беше се учење од самиот старт, ќе беше убаво да имав тогаш некој ментор, но се беше учење од прва рака“, раскажува Јовановски.
И сето ова учење и целиот процес што го поминал до тука сам, веројатно му било полесно да го реплицира и да стигне до Earthcare. EarthCare.ai е најновата иновација на Горјан Јовановски која нуди прецизни климатски анализи за средни и големи претпријатија во енергетскиот, банкарскиот и консултантскиот сектор.
„Многу работи што ги научивме со AirCare ги применивме со новиот продукт, во новиот бизнис, но и многу работи што не ги знаевме ги научивме со новиот бизнис, тоа се два различни света од аспект на маркетинг, од аспект на продажба, скоро од секој аспект“, вели Јовановски.