Лани Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена, односно во погон функционирал само еден час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, а ТЕЦ Неготино во периодот на енергетската криза во најголем дел работел со еден котел
Застарени и нефункционални капацитети, слабости, измами, исплатени големи средства државна помош кои целосно не се искористени за определените намени… се дел од констатациите на Државниот завод за ревизија за енергетскиот систем во земјата.
Активностите кои се преземаат од надлежните институции во секторот енергетика не се доволно ефикасни за да овозможат сигурност и одржливост во обезбедувањето електрична енергија на долг рок. Ова е заклучокот по извршената ревизија на успешност насловена „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза“. Преку која треба да се дојде до одговор на прашањето – „Дали преземените мерки и активности од надлежните институции во секторот енергетика овозможуваат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија во долг рок?“
Државата располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производство на електрична енергија. Тоа ја прави увозно зависна, со што е под директно влијание на цените на енергенсите и на струјата на отворениот пазар, што посебно неповолно се одрази за време на енергетската криза, посочуваат ревизорите.
Притоа, наведени се податоците дека лани биле произведени 5.634 GWh електрична енергија од домашни производители, 1.471 GWh е нето увоз, а вкупните загуби на струја во електропреносниот систем се 972 GWh. Вкупно потрошената електрична енергија во 2022 изнесува 7.105 GWh, од кои 20 отсто се обезбедени со набавка.
Од 2019 до 2022 година се склучени договори за набавка на јаглен, мазут и природен гас во вкупен износ од над 588 милиони евра. Најголемиот дел – 68 проценти се потрошени за снабдување со мазут.
Се посочува дека државата располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта се уште не се експлоатираат. За експлотација во рудниците се преостанати 69.780 илјади тони јаглен, со ниска калорична вредност и тоа за околу три пати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот. За што е потребна дополнителна набавка на калоричен јаглен, со цел да се направи негово хомогенизирање.
Производствените капацитети кои користат јаглен и мазут РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино се постари од 40 години, па чести се дефектите кои рефлектираат со намалено производство на електрична енергија.
Од анализта на ревизорите произлегла констатацијата дека лани Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена, односно во погон функционирал само еден час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетската криза во најголем дел работел со еден котел.
Пресметано е дека поради застојот на Блок 3, за околу 1.621 илјади MWh е произведено помало количество електрична енергија, кои во моментите кога државата се справува со енергетска криза се од големо значење. Ревизорите истакнуваат дека наведените состојби го доведуваат во прашање сигурното, безбедното и ефикасното работење на централите, како и континуираната испорака на струја до корисниците.
Подолг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постојните капацитети или за изградба на нови, кои користат енергенси кои не ја загрозуваат животната средина.
Ревизорите утврдиле дека производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30 отсто во вкупното производство. Притоа истакнуваат дека во периодот на енергетската криза интересот за изградба на фотоволтаични електроцентрали бележи значителен тренд на зголемување, но недостасуваат точни и детални информации за начинот и постапката за изградба и за приклучување во дистрибутивната и преносната мрежа. Исто така, воочиле ревизорите, нема информации за можната финансиска и временска рамка на инвестициите, поради што постапката е сложена, бавна и не се врши ефикасно.
Освен тоа, утврдиле и слабости во начинот на уредување на мерките за поддршка на производство на струја од обновливи извори, со што се нарушило начелото на конкурентност при доделувањето премии на пазарот на електрична енергија.
„Со регулативите е дадена можност производителите кои користат повластени тарифи да ги раскинат договорите. Поради тоа, за време на енергетска криза, кога цената на електричната енергија на отворениот пазар значително порасна, дел од производителите ја искористиле таа можност и ги раскинале договорите, иако во минатиот период им била дадена државна поддршка во износ од 2.751.025 илјади денари, околу 45 милиони евра, што понатаму има негативен одраз“, се наведува во извештајот.
Исто така, ревизорите укажуваат и на резултатите од задолжението дадено од Владата, да се заштедат 15 проценти струја во споредба со претходниот едногодишен период – 2021/2022. На вкупно ниво биле постигнати заштеди, но „поради недоволни воспоставени контролни мерки голем број институции и државни органи не ги исочитувале мерките“.
Освен тоа, ревизорите утврдиле дека АД ЕСМ во 2021 и 2022 година добила од Владата државна поддршка од 17.197.808 илјади денари, односно 278,7 милиони евра. Најголемиот производител на електрична енергија во земјата, запишано е во извештајот, тие пари ги потрошил за набавка на ресурси, за набавка на електрична енергија на отворениот пазар и на други трошоци за одржување на тековната ликвидност на друштвото за справување со енергетската криза. Сепак, резвизорите утврдиле дека 10 отсто од доделената државна помош се исплатени за намирување на расходи од редовното работење, кои не биле планирани во владините одлуки.
„За вкупен износ од 670.000 илјади денари, УО на друштвото во јануари 2022 година донел одлука за пренамена на средствата обезбедени од владината потпрограма С5 – Зелен развој и нивно префрлање од наменската сметка на сметката за редовно работење на друштвото. Одлуката за пренамена на средствата е донесена врз основа на одредбите од Статутот на друштвото и Деловникот за работа на УО, без согласност на Владата. Средствата се пренаменети за плаќање на доспеани обврски, кредити и останати трошоци од работењето на АД ЕСМ Скопје, кои не се поврзани со проектите за зелен развој; во однос на начинот на информирање утврдивме дека АД ЕСМ Скопје во целост не постапило по насоките во одлуките, поради што не доставувал редовни месечни извештаи до Владата и МФ за начинот на трошење на средствата. Со големо задоцнување, во октомври и ноември 2022 година и февруари 2023 година биле доставени извештаи за трошење на средствата од наменската сметка за буџетска поддршка за справување со кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија“, стои во ревизорскиот извештај.
Ведно, ревизорите нотирале и дека над 3.100 броила биле регистрирани на нови субјекти кои користеле повластена субвенционирана цена која се наплаќа од домаќинствата и малите потрошувачи. „Со цел да ја искористат поволноста дадена на малите потрошувачи и да направат заштеди, голем број правни лица и општини, кои согласно законот треба да вршат набавка на електрична енергија на отворен пазар, основале нови правни субјекти или користеле постојни и се приклучиле на дистрибутивната мрежа на Универзалниот снабдувач со нови броила како мали потрошувачи“.