ПОВЕЌЕ

    Дурмиши, лично, е за минималец од 600 евра, а во буџетот има пари за зголемување од две илјадарки

    Време зa читање: 3 минути

    Има политичка волја, а има и пари во буџетот за зголемување на минималната плата, но мора да се слушнат засегнатите страни, вели министерот за економија Бесар Дурмиши, чија желба е таа да изнесува и 600 евра. На оваа тема ќе се разговара на почетокот од идниот месец, во рамките на Економско-социјалниот совет.

    Предвидени се средства за зголемување на минималната плата за околу две илјади денари, посочи Дурмиши, што е согласно законското решение, според кое, догодина во март минималната плата би добила дополнителни 1.600 до 1.800 денари.

    „Во март, според Законот, ќе се направат пресметките и ќе се види колку ќе биде минималната плата. Средства се предвидени во буџетот за да се покачи минималната плата, но колку ќе биде тоа, ќе видиме во текот на јануари и февруари. Кога ќе заврши годината, ќе се направат пресметките и ќе знаеме точно за колку ќе се покачи минималната плата“, изјави министерот.

    На барањето од Синдикатите за минималец од 450 евра, коментира „Јас сакам минималната плата да биде и 600 евра“, и додава – „мора да ги видиме и можностите на Владата, дали се предвидени толку средства, а ќе ги видиме и барањата на работодавачите, оти и тие се засегнати страни од ова барање. И, на крај ќе донесеме заедничка одлука“.

    Предвидените за март две илјади денари не се доволни за преживување, тврди првиот синдикалец, Слободан Трендафилов. Воедно, смета дека растот на минималната плата нема да биде преголем товар за државната каса, од едноставна причина што околу 35 илјади работници имаат примања кои се на нивото или под износот на актуелниот минималец.

    „Во Македонија 25 илјади работници примаат плата во висина на минималната, а 10 илјади работници примаат плата од еден денар до 22 илјади денари. Но, поразително е што сите овие работници примаат плата во коверт за што не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа ја чини државата на годишно ниво околу 250 илјади евра, односно неуплатени придонеси во Фондот“, нагласува Трендафилов.

    Синдикалниот лидер вели дека дијалогот за минималната плата е отворен, а аргументите се на страната на синдикатите.

    „Ако знаете дека минималната плата во Црна Гора од 600 е на 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна и Херцеговина од први јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 544 евра и дека синдикалната минимална кошничка изнесува 62 илјади денари, тоа покажува дека платите мора да се зголемат“, дециден е Трендафилов.

    Засега, минималната плата во државата е 22.567 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично