Секоја појава на злоупотреба на службените возила – за партиска или за приватни потреби, граѓаните треба да ја пријават на телефонскиот број 070 399 050 и на електронската адреса [email protected]. Знак за препознавање се црвените регистарски таблички. Процедурата за унифицирање на службените возила е во тек, а повеќе од 500 веќе имаат нови таблици.
Гази Баба е првата скопска општина која комплетно изврши замена на таблиците на служените возила.
„Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција, за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни“, изјави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, при посетата на Општина Гази Баба. Воедно, ги повика сите институции да направат рационализација на возниот парк.
Целата постапка на замената треба да биде завршена во наредните две недели, до кога е и рокот за унифицирање на возилата со специјалните таблици. Ова се дел од мерките што СОЗР ги презема за елиминирање на злоупотребите на службените возила и зголемување на транспарентноста.
„Кога ја презедов функцијата, веднаш ставивме GPS-уреди на сите возила. Тоа беше првиот чекор. Сега, со новите таблици, комплетно се спречува користење на службените возила за приватни цели. Јас лично користам приватно возило и сметам дека транспарентноста и одговорното управување со јавните ресурси мора да бидат приоритет,“ изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.