Македонските средни и големи компании, кои ќе аплицираат на повикот од Дирекцијата на ТИРЗ, со советодавни услуги од реномирани експерти, од меѓународни и локални консултанти, добиваат можност да ги зајакнат извозните капацитети, да станат поконкурентни и значително да ги подобрат перформансите за да бидат ангажирани како добавувачи од странските инвеститори. Планираната техничка помош треба да ја подобри и нивната подготвеност да инвестираат во земјата.
По успешното завршување на техничката помош, компаниите ќе имаат можност да побараат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамки на програмите на Дирекцијата и Владата, беше посочено на денешната промоција .
Повикот проектиран за десет компании, објавен на 29 декември лани, е отворен до 15 февруари, до 14 часот. Ако биде успешен, со следните повици ќе бидат опфатени поголем број фирми.
Засега, соработката на домашните со странските компании е незадоволителна, смета директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, кој очекува најмалку десет компании од актуелниот повик за две до три години да станат и дел од семејството на ТИРЗ.
„Со денешниот настан одбележуваме почеток на целосно нова програма, односно целосно ново поглавје во функционирањето не само на Дирекцијата за ТИРЗ, туку и генерално на Владата. Фокусот на ова што го објавуваме денеска се токму домашните компании“, нагласи Деспотовски.
Според него, ова е прв чекор во правец на нивно интегрирање во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално, за што вели, се зборува повеќе од 20 години.
„Пред Нова година во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) објавивме јавен повик со кој сите домашни компании, со доминантно македонска сопственост, средни и големи, имаат можност да обезбедат техничка помош за подготовка на инвестициски планови кои ќе им овозможат да отидат на следното технолошко ниво на развој, што ќе им помогне да станат поконкурентни.
Конкурентноста подразбира да бидат повеќе извозно ориентирани, поконкурентни на странските пазари и она што е за нас од приоритетна важност, да можеме многу поактивно и многу поуспешно да ги вклучуваме во процесите на соработка со странските компании присутни во државата, во зоните, но и со глобалните компании што функционираат во регионот“, истакна Деспотовски, кој наведе дека проектот се реализира во соработка со ИФЦ, „дел од семејството на Светската банка, и е финансиран од Владата на Швајцарија, а ние учествуваме со мал дел од средствата“.
На јавниот повик повик може да конкурираат само регистрирани трговски друштва, апликанти чии годишни приходи не се под два милиона евра и кои имаат не помалку од 50 вработени, кои немале загуби во последните две календарски години, а постојат најмалку три години, апликанти кои се со минимум 50,1 отсто македонска сопственост и кои не се во државна/јавна сопственост, како и против кои не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација. Исто така, услов е и да ги имаат намирено сите обврски по основ на јавни давачки и придонеси и против нив да не се почнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања.