
За 4,15 милиони евра се намалил вкупниот долг што државата не успева да го наплати од даночните обврзници. Сепак, износот и натаму е висок и изнесува 193,85 милиони евра. Овој товар е распореден меѓу 6.108 должници – 2.007 правни и 4.101 физичко лице.
Должничкиот дел на компаниите е 182,73 милиони евра. Со износот се опфатени побарувањата доспеани за намирување до 30 ноември лани, а обврските не се исполнети заклучно со 28 февруари годинава. За споредба, на претходната листа објавена во февруари од Управата за јавни приходи, имало 2.004 компании и долг од 188,5 милиони евра.
Анализата што ја направи Пари во соработка со Бизнис Мрежа покажува дека најслабата алка во наплатата и натаму е данокот на додадена вредност, најзадолжени се друштвата со ограничена одговорност на едно лице, а на Скопје – никој и ништо не може да му го загрози приматот на најголем должнички центар во земјава. Освен тоа, 87,7 насто од вкупниот долг е генериран во десет градови, каде што фирмите натрупале долг од 160,2 милиони евра.
ДДВ Е НАЈИЗДАШЕН ИЗВОР НА ДОЛГОВИ
Во вкупниот долг, повеќе од три четвртини, односно 76,7 насто зафаќаат нерасчистените сметки по основ на ДДВ. Фирмите во плаќањето имаат заостаток од над 140 милиони евра, или, доцнат токму со обврските што се поврзани со тековното работење и со ликвидноста.
Во структурата значително е помало, но сепак важно е и учеството на данокот на добивка со 22,1 милион евра. Во таа категорија е и персоналниот данок на доход по основ на плати и придонеси, во износ од 14,8 милиони евра.
Останатите обврски се далеку пониски. Долгот за неплатените царински давачки е 1,56 милиони евра, ДДВ при увоз е 1,36 милиони евра, додека персоналниот данок по други основи достигнува 2,2 милиони евра.

Извор: Бизнис Мрежа
ФИРМИТЕ ДООЕЛ НОСАТ НАД 70 НАСТО ОД ТОВАРОТ
Од аспект на правната форма, концентрацијата на долгот е кај друштвата со ограничена одговорност основани од едно лице. Кај нив се акумулирани 131,27 милиони евра, односно над 70 насто од вкупниот долг. Со други зборови, ризикот од ненаплатливост е најизразен кај субјектите чијашто едноставна структура и поголема флексибилност можат да се јават и како лимитирачки фактор во можноста за сервисирање на обврските.
Дисбалансот е очигледен кога се имаат предвид и податоците за другите видови правни субјекти. Класичните друштва со ограничена одговорност должат 17,03 милиони евра, а заведените под „друго“ 15,33 милиони евра. Под должничкиот праг од 10 милиони евра се подружниците со 9,49 милиони евра, како и командитните друштва со 5,2 милиони евра. Долгот на акционерските друштва изнесува 4,22 милиони евра, што дополнително ја нагласува доминацијата на помалите деловни чинители во вкупниот долг.

Извор: Бизнис Мрежа
СКОПСКИТЕ ГАЗДИ СЕ НАЈГОЛЕМИ НЕПЛАЌАЧИ
Од географска точка на гледање, Скопје е носител на најголемиот дел од долгот, во обем од над 104 милиони евра. Тоа се повеќе од 55 насто од вкупниот долг. Ваквата распределба е сосем очекувана, со оглед на тоа што најголемиот дел од економската активност, компаниите и бизнис-тековите се во главниот град. Затоа и фискалните ризици се лоцирани токму тука.
Струмица е на второто, а Тетово на третото место меѓу топ десетте градови, но нивниот должнички товар од 15,72 милиони, односно 10,01 милион евра, е далеку помал.
Пониски, но релевантни се должничките обврски во Неготино (6,65 милиони), Гостивар (5,92 милиони) и Куманово (5,56 милиони).
Јасно е дека со износот од 125,98 милиони на градската листа доминира долгот направен врз основа на ДДВ, кој насекаде се мери со милионски износи. Второрангиран е данокот на добивка (18,7 милиони евра), но во одделни средини се издвојуваат и обврските за персонален данок или царина.

Извор: Бизнис Мрежа
ПРОЧИСТУВАЊЕ НА ЛИСТАТА И НОВ ПРИСТАП КОН ПРОБЛЕМОТ
Неодамна од УЈП објавија дека почнува имплементацијата на зајакнат системски пристап во управувањето со долговите на даночните обврзници. Намерата е да се постигне поголема ефикасност и приказ на реалните состојби. Листата, пак, повеќе нема да е архива на историски податоци во даночните регистри и евиденции. Целта е да се воспостави реална и употреблива база на податоци како здрава основа за подобро насочување на ресурсите и поефикасна наплата.
Клучните мерки вклучуваат: класификација на долговите, фокус на наплатливи побарувања, формирање центар за даночно извршување, како и засилени теренски активности за идентификација на имот. И, како што тогаш посочи директорката на УЈП, Елена Петрова, „прочистувањето на Листата не значи откажување од наплатата, туку подобар фокус“.
Веројатно, сето тоа ќе даде одговор на прашањето колкав дел од овие над 190 милиони евра навистина можат да се наплатат.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








