ПОВЕЌЕ

    Долг од 20 милиони евра „распрснат“ кај 4.101 граѓанин – секој во просек должи по 4.800 евра

    Време зa читање: 4 минути

    Долг кон државата од речиси 20 милиони евра имаат 4.101 физичко лице. Во просек, секој од нив должи по околу 4.800 евра. Или, за разлика од фирмите – неплаќачи, проблемот не е во поединечни големи случаи, туку во масовноста. Релативно помали должнички суми се распределени на голем број обврзници.

    Нивните имиња, меѓу кои и девет странски државјани, се на последната Листа на должници што неодамна ја објави Управата за јавни приходи. Се работи за побарувања што требало да се платат до 30 ноември лани, но тоа не било сторено до 28 февруари годинава.

    Според наведените податоци, за еден месец бројноста на должниците е зголемена за 94 лица. А, износот на ненамирените даночни обврски достигнува 1.219.773.641 денари, односно 19,83 милиони евра.

    Од анализата што Пари ја направи со податоците од базата на Бизнис Мрежа произлегоа интересни сознанија, меѓу кои и тие дека граѓаните најмногу потфрлаат кај персоналниот данок на доход; и дека од аспект на должничката концентрација доминираат помали општини.

    ЗА ПЛАТИ И ПРИДОНЕСИ БОРЧ ОД 12,4 МИЛИОНИ ЕВРА

    Како што компаниите „паѓаат“ на данокот на додадена вредност, така физичките лица тешко се справуваат со персоналниот данок на доход – ПДД. Тој е главниот извор на задолженоста со високи 18,43 милиони евра: 12,45 милиони евра за плати и придонеси и 5,98 милиони евра по други основи. Со тоа, во вкупниот долг има најголем удел – од 92,9 отсто.

    Граѓаните должат и по основ на ДДВ, но многу помалку. Моменталниот износ е околу 1,34 милиони евра. Останатите давачки, како царините и акцизата, во случаков се маргинални.

    Евидентно е дека проблемот кај граѓаните е поврзан, пред сè, со личните приходи, самовработувањето и нерегуларното пријавување на доходот.

    ПО СКОПЈЕ И СТРУМИЦА – ДОЛНЕНИ СО НАЈМНОГУ ДОЛЖНИЦИ

    Во табеларниот распоред според местото на живеење, исто како и со фирмите, најголем дел од физичките лица се во Скопје (393) и во Струмица (364). Од поголемите центри тука е и Прилеп (311).

    Сепак, можеби неочекувано, но помалите општини се истакнуваат по бројната состојба на жителите – должници. Од класичната економска логика отстапува високото рангирање, на пример, на Долнени. Со своите 344 должници не е многу далеку од Скопје и Струмица, но затоа има многу помалку жители (13.126 – Попис 2021). Слична слика дава и споредбата со Босилово – 178 должни лица и 11.508 жители, или со Ново Село – 161 должник и 6.972 жители.

    Со адреса во овие десет градови, односно општини се 2.184 или 53,3 отсто од должниците. Нивните нерасчистени обврски се во износ од 9,44 милиони евра, што е речиси половина од вкупниот долг на физичките лица.

    ПОМАЛА БРОЈНОСТ – ПОВИСОКА ЗАДОЛЖЕНОСТ

    Иако Скопје и Струмица се водечки на табелите, бројките велат – не секогаш висината на долгот зависи од масовноста на должниците. Оттаму и поделбата: во руралните и помалите општини има повеќе жители со ненамирени давачки кон УЈП, но со помали износи; во урбаните центри има помалку задолжени лица оптоварени со поголеми износи.

    Потврда за тоа се Тетово (95 должници) и Куманово (92), каде што е генериран висок заеднички долг од над еден милион евра. Наспроти тоа, Долнени има многу повеќе должници, но со пониска просечна задолженост.

    Деветмината странски физички лица, пак, евидентирани на листата од УЈП, имаат вкупен долг од 36,7 илјади евра. Износот е релативно мал, но структурата на долгот е индикативна – сите се „заглавени“ по основ на ПДД по други основи, а кај еден случај има и долг за придонеси кој датира уште од 2009 година.

    Генерално, долгот не го создаваат неколкумина „големи играчи“, туку илјадници релтивно мали неплатени обврски. Токму во таа масовност лежи предизвикот за државата – како да ги расчисти сметките со сите, и со најмалите должници.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк. 

    ПАСИВНИ ФИРМИ – АКТИВЕН ДОЛГ: Како ќе се наплатат 828 илјади евра?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично