ПОВЕЌЕ

    Докапитализацијата како стратегија за финансиска стабилност: Од Месопотамија до денешните корпорации

    Време зa читање: 5 минути

    ПАРИ – извор на квалитетна и релевантна содржина.

    Докапитализацијата како финансиска стратегија за справување со различни потреби и предизвици

    Концептот на докапитализација се користел низ историјата во различни форми, развивајќи се заедно со промените во финансиските системи и економските услови. Иако докапитализацијата како термин можеби не се користеше вообичаено во претходните времиња, сепак основните принципи на реструктуирање на долгот и капиталот може да се забележат наназад во различни периоди. Во античко време преструктуирањето на долгот може да се види во античките цивилизации, каде владетелите и владите честопати простувале или реструктуирале долгови за да им обезбедат олеснување на своите граѓани. На пример, во античка Месопотамија постојат записи за закони за олеснување на долгот и за простување на долгови во време на тешки економски кризи. Исто така, активности за реструктурирање може да се забележат за време на појавата на модерниот капитализам и растот на трговијата. Во Европа, за време на ренесансата монарсите често користеле техники за реструктурирање и конверзија на долгот за да управуваат со долговите, често преку издавање нови обврзници. Подемот на индустријализацијата и основањето на големи корпорации во 18 и 19 век донесоа нови форми на преструктурирање на капиталот. Компаниите почнаа да користат стратегии за докапитализација за да ги приспособат своите капитални структури и да ги финансираат проширувањата. Ова вклучуваше издавање нови акции, издавање обврзници и консолидирање или реструктурирање на постојните долгови. Докапитализацијата привлече значително внимание во време на глобалната финансиска криза од 2008 година, кога владите интервенираа за да ги стабилизираат финансиските институции преку инјектирање капитал, купување проблематични средства и реструктурирање на долгот со цел да спречат појава на системски ризици и да се врати довербата на пазарот.

    Реструктуирање на долгот може да вклучува рефинансирање на постојните кредитни обврски, со цел да се намали каматната стапка или да се продолжи периодот на отплата со цел да се олеснат финансиските оптоварувања. Преструктуирање на капиталот компаниите прават преку издавање дополнителни акции или откуп на постојни акции за да ја променат сопственичката структура или да ја прилагодат контролата на компанијата. Финансиско преструктурирање се врши со докапитализација, која може да се искористи за да се подобри финансиската состојба и стабилноста на компанијата преку зајакнување на нејзиниот биланс. Ова може да вклучува намалување на нивото на долг, зголемување на капиталот, или и двете.

    Процесот на докапитализација може да има различни ефекти врз финансиските извештаи на компанијата, а директното влијание ќе зависи од природата и степенот на докапитализацијата, користените методи, како и промените што произлегуваат во структурата на капиталот на компанијата. Докапитализацијата може да доведе до значителни промени во составот на билансот на состојба на компанијата. На пример, ако докапитализацијата вклучува издавање нови акции, делот на капиталот ќе се зголеми. Исто така, ако долгот се рефинансира или се намалува, делот за обврски може да се прилагоди соодветно. Докапитализацијата може да влијае врз вредностите на средствата, обврските и акционерскиот капитал, како одраз на промените во капитализацијата. Ако докапитализацијата на компанијата вклучува реструктурирање на долгот, тоа може да влијае и врз делот за краткорочни и долгорочни обврски од билансот на состојба. На пример, издавањето нови должнички хартии од вредност може да го зголеми делот на долгорочниот долг, додека отплатата на постојниот долг може да ги намали обврските.

    Во билансот на успех, иако докапитализацијата нема директно влијание во однос на приходите и расходите, сепак може да влијае врз одредени финансиски показатели и коефициенти што се изведени од билансот на успех, како што се расходите за камати, заработката по акција или коефициентот долг : капитал. На пример, со рефинансирање на долгот, компанијата може да ги намали трошоците за камати, но тоа ќе доведе до подобрување на профитабилноста и финансиските перформанси.

    Има бројни компании коишто ја искористија докапитализацијата како финансиска стратегија за справување со различни потреби и предизвици. Пример е компанијата General Motors, која за време на глобалната финансиска криза во 2009 година се соочи со сериозни финансиски тешкотии и поднесе барање за банкрот. Како дел од планот за реструктурирање, компанијата помина низ процес на докапитализација поддржан од владата. Владата на САД обезбеди финансиска помош и се здоби со значителен сопственички удел во GM, додека долгот на компанијата беше намален преку размена на долг за капитал. Ford Motor Company во 2006 година спроведе план за докапитализација познат како стратегија Way Forward. Компанијата се соочи со опаѓање на продажбата и финансиски загуби, што ја натера да го преструктуира своето работење и да ја подобри структурата на капиталот, преку издавање нови должнички хартии од вредност.

    Компаниите можат да извлечат неколку потенцијални придобивки од процесот на докапитализацијата, а специфичните предности може да варираат во зависност од ситуацијата и целите на компанијата, но во глобала сѐ се сведува на тоа дека докапитализацијата може да ја подобри финансиската стабилност на компанијата преку решавање на прекумерните нивоа на долг или несоодветен капитал. Преку реструктуирање на капиталот компанијата може да ги намали финансиските ризици и да ја подобри својата кредитоспособност, додека докапитализацијата може да доведе до подобрување на готовинскиот тек преку намалени расходи за камати, притоа овозможувајќи ѝ на компанијата да одвои повеќе средства за оперативни активности, инвестиции или исплати на дивиденди.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично