ПОВЕЌЕ

    Договарањето тајно, плаќањето обврска за сите: Преку арбитража од државата се бараат 1,4 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    Арбитражните постапки кои се водат против државата, а се координирани од телото за арбитражни постапки, во моментов се со проценета вредност од една милијарда и 365 милиони евра. Сите се за периодот од пред 2017, кога се настанати наводните прекршувања на договорите за заштита на инвестициите, нагласи вицепремиерот за економски прашања и координатор на телото, Фатмир Битиќи, кој денес информираше за споровите „Шпански скали“ и „Дрисла“.

    Групацијата „Амадеус и Амадеус Девелопмент“ ДООЕЛ за случајот „шпански скали“ бара надомест за прекршување на билатералниот договор кој го имаме со владата на Република Албанија. Конкретно, бара отштета за наводно претрпена штета која се проценува на 110 милиони долари. З случајот се води и судски процес и има арбитражна постапка против Република Македонија.

    „Групацијата била одговорна за изградба на комерцијална зграда и хотел, а дозвола барала за изградба на проектот ‘Шпански скали’. Тужителот тврди дека Општина Центар му забранила да гради и покрај дозволата за градба од 2015 година“, рече Битиќи, додавајќи дека за овој случај има судски процедури за кривични дела на вмешаните во постапките.

    Втора постапка е од страна на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Во 2011 година Град Скопје ја избрал оваа компанија за партнер кој ќе работи со ЈП „Дрисла“. Фирмата се стекнала со 80 проценти од уделот во ЈП „Дрисла“, а Град Скопје со 20 отсто. Управниот суд во 2018 пресуди и го поништи решението за избор на „ФЦЛ Амбиенте“ за приватен партнер за управување со депонијата. Во 2020 „Дрисла“ ДОО повторно се трансформира во јавно претпријатие за што италијанската фирма поведе арбитражна постапка.

    „Овие постапки предизвикаа голем интерес. Несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на граѓаните, наместо за развојни проекти, сега можеби ќе треба да се користат за одбрана на интересите и правата на државата во меѓународните спорови. Преземени се сите правни дејствија и затоа е формирано координативно тело за следење на активностите поврзани со меѓународни арбитражи кое јас го водам“, наведе вицепремиерот.

    Воедно, смета дека секој треба да понесе одговорност, па затоа целото досие, кога завршува арбитражна постапка, се префрла во Обвинителство, кое понатаму треба да покрене постапка за барање одговорност.

    „Стојам цврсто на ставот дека лична одговорност мора да има за секој денар кој евентуално не е добро искористен во оваа држава. Секој што потпишал штетен договор кој подоцна може да ја чини државата, треба да сноси одговорност“, тврди Битиќи.

    Тој појасни дека во моментот има пет активни арбитражни постапки. Две се завршени во наша корист. Во еден од предметите исплатен е и надомест кон државата од три милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично