ПОВЕЌЕ

    Додека се бараат решенија за есенската кошница: Граѓаните купуваат што мора и плаќаат колку треба

    Време зa читање: 3 минути

    Министерството за економија сѐ уште бара решение за есенската, како прва од неколкуте најавени кошници со производи актуелни во одредена сезона. Намерата е со ценовна контрола на стотина производи да им се олесни на потрошувачите, при што нема да се на удар ниту производителите, ниту трговците. Токму поради тоа и е одложена оваа мерка која, сепак, според премиерот, нема да биде задоцнета.

    За да се слушнат сите страни кои треба да настапат со свои предлози, и за да се донесат избалансирани решенија, ресорниот министер веќе остварил средби со засегнатите. И наместо денес, како што првично беше најавено, предлозите од Економија ќе бидат разгледани на некоја наредна седница.

    Во очекување на кошницата, а според досегашната практика, граѓаните како знаат и умеат ќе се справуваат со цените. Велат, секое одење во маркет или на пазар е посебно „доживување“. Доматите се продаваат со зимски цени од 100 до 130 денари, пиперките од 70 до 100 денари, краставиците исто… Гравот 300 денари. Најевтино е ситното мешано сирење, односно ронките што остануваат во кантите, кои во специјализираните продавници се нудат за 280 денари килограм. Пакуваните калапи се од 450 денари па нагоре. Кашкавалот на акција е минимум 500 денари.

    Се купува само најнеопходното, но и тоа е проблем. „Ем торбата полупразна, ем џебот испразнет. Со илјадарка не може многу да се купи“, реагираат потрошувачите кажувајќи дека половина од парите им одат за храна.

    Во прилог на нивните тврдења се и податоците кои ја сочинуваат минималната синдикална кошница, која за август изнесуваше 61.199 денари. Во тој износ доминантни се трошоците за храна и пијалаци. Па, и синдикалците укажаа на тоа дека „трошоците за живот вртоглаво растат“ и тоа „никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни“.

    Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени одделни видови овошје и зеленчук, млечни, пекарски производи, ориз, грав… И се уште не е утврдено дали цените ќе одат под мраз или ќе се ограничат маржите. И, како што во вакви случаи постојано се нагласува, а сега тоа го тврди и Христијан Мицкоски – „… не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните“.

    Меѓутоа, не се знае ни дали на 28 месецов ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики, бидејќи премиерот рече дека доколку е потребно, ќе се даде време за прилагодување, за што ги повика коморите како претставници на бизнисот, да се изјаснат. А, според очекувањата, ова законско решение треба да ги намали цените во трговската мрежа. Влијание ќе има ограничениот рабат и дополнителните трошоци на 10 проценти, што опфаќа 2.548 земјоделски и прехранбени производи во трговијата на мало и на големо.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично