
Компанијата dm drogerie markt го означи почетокот на платформата „Иднина која инспирира“ со настан што обедини волонтерска активност, панел-дискусија и споделување лични волонтерски приказни. Станува збор за нова платформа насочена кон поттикнување на општествениот ангажман и активното учество на поединците во обликувањето на заедничката иднина.
Во рамки на настанот повеќе од 100 новинари, инфлуенсери, соработници, волонтери и претставници на организации, учествуваа во волонтерска акција за подготовка и пакување на пакети со dm производи, наменети за Кризен центар „Надеж“, и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Токму преку оваа прва активност, платформата „Иднина која инспирира“ беше претставена на начин што најдиректно ја отсликува нејзината суштина – преку заедничко делување, солидарност и конкретен придонес за заедницата. Наместо да остане само на порака, иницијативата уште од самиот почеток беше преточена во чин на поддршка и вклученост.
На настанот беше претставена и самата платформа, која dm ја развива како простор за поврзување на поединци, организации и идеи што можат да придонесат за похумана, поинклузивна и поодржлива иднина. Иницијативата се темели на три клучни области: зајакнување на солидарноста и општествениот ангажман, поттикнување развој и напредок преку еднаквост, инклузија и образование, како и одговорно дејствување во согласност со природата, засновано на одржливи практики.

Во текот на инспиративните два часа, се одржа и панел-дискусија модерирана од Цеце Николова, на која учествуваа Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm, Александра Пајдаковска од секторот за експанзија во dm и волонтер, Андреј Рајатоски – волонтер и креатор на инстаграм профилот „Градинарот“, како и Филип Ѓоргиев – волонтер и човекот зад инстаграм профилот „Кеса на десет“. Низ разговорот беа отворени теми поврзани со солидарноста, еднаквоста и одговорното дејствување, а особено место имаа личните приказни за волонтерството, кои потсетија дека промените често започнуваат тивко и со одлука да се помогне, со издвоено време и со искрена грижа за другите.

– „Иднина која инспирира“ ја создадовме како платформа што ќе ги поврзе луѓето, нивните иницијативи и потребите на заедницата. Веруваме дека секој човек може да придонесе, а токму личните примери и искуства се оние што најсилно мотивираат и охрабруваат и други да се вклучат. Затоа сакавме почетокот на оваа иницијатива да биде обележан со конкретна акција, преку која заедно ќе направиме нешто значајно за оние на кои поддршката им е најпотребна – изјави Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm.

Платформата „Иднина која инспирира“ е создадена како простор за поврзување на луѓето, нивните идеи и конкретните потреби на заедницата. Преку неа, поединци ќе можат да споделуваат лични приказни за својот општествен ангажман на следниот линк и со тоа да инспирираат и други на вклучување, додека здруженија, организации и институции ќе имаат можност да пријавуваат проекти на овој линк , што обединуваат волонтери или отвораат простор за граѓанско учество. Пријавувањето на лични приказни и проекти ќе трае до 31 јули 2026 година, а проектите што ќе добијат поддршка за нивна реализација од dm ќе бидат објавени од септември 2026 година.
Со првиот настан во рамки на платформата, dm испрати јасна порака дека иднината не е нешто што се чека, туку нешто што се создава – низ мали, одговорни и искрени чекори, кои кога се прават заедно, добиваат вистинска сила.
Аналитика








