
Од Регулаторната комисија за енергетика стигна ново поскапување на горивата. Од вторник, во 00:01 часот, цената на бензините се зголеми за 7 денари, а на дизелот за 6,5 денари по литар во однос на цената утврдена со одлуката од 09.03.2026 година. Новата цена на еуросупер БС 95 изнесува 86,5 денари за литар, а малопродажната цена на еуросупер БС 98 изнесува 88,5 денари за литар. Дизелот стигна до 92 денари.
Ова е трето зголемување на цените откако почна војната во Иран, на 28 февруари. Првото беше „безопасно“ и се случи на втори март. Тогаш бензините поскапеа за 1 денар, а за дизелот немаше зголемување на цената. Но, за една недела, односно минатиот понеделник, се случи наглото поскапување на горивата – дизелот поскапи за 14,5 денари по литар, а бензинот за 5 денари по литар.
Овие поскапувања повторно го отвораат прашањето дали Македонија ќе се соочи со нов бран ценовни притисоци? Искуството од претходните години покажува дека токму ваквите скокови кај енергенсите се првиот сигнал дека трошоците во економијата ќе одат нагоре. Загрижува тоа што дури и кога цените на нафтените деривати се намалуваат, инфлацијата останува. Дури и да се вратат цените на некое ниско ниво, нема да имаме дефлација. Секогаш малку по малку цените се зголемуваат. Со новата криза, се очекува ново надградување на инфлацијата.
„Пари“ пребара информации од ценовните извештаи на Регулаторната комисија за да се види како се движеле цените на дизелот и на бензините.
ВО КРИТИЧНИ МОМЕНТИ ЦЕНАТА НА ДИЗЕЛОТ ЈА ПРЕТРКУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ
Со разгорување на кризата, по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, ценовникот на Регулаторната комисија покажува дека на 6 јуни цената на бензинот еуросупер БС 95 била дури 110 денари, а на еуросупер БС 98 изнесувала 112 денари. Тогаш дизелот чинел 102 денари за литар.
Економистите објаснуваат дека горивата имаат силен „преносен ефект“ врз цените, особено дизелот. Причината е што дизелот е основното гориво за товарниот транспорт, земјоделската механизација и голем дел од индустријата. Кога дизелот нагло поскапува, први на удар се транспортните трошоци, кои потоа се прелеваат во цените на храната, градежните материјали и услугите. Токму затоа, ценовната криза со нафтените деривати го прави дизелот поскап од бензините.
На 19 октомври 2022 година дизелот чинел 103 денари. Тогаш бензинот се точел за 89 денари за еуросупер БС 95 и 91,5 денари за еуросупер БС 98.
Една година подоцна, во октомври 2023 година, цената на еуросупер БС 95 беше 80 денари, еуросупер БС 98 чинеше 82,5 денари, а дизелот чинеше 82 денари.
Во октомври 2024 година бензините чинеа 78 и 80 денари, а дизелот 70,5 денари.
Овој тренд на намалување на цените на нафтените деривати продолжува и во 2025 година – на 20 октомври цените на бензините беа 73 и 75 денари, а цената на дизелот се симна на 67 денари за литар.
Пред да почне новата криза и тензиите на Блискиот Исток, најавата за тие настани висеше во воздух. Имаше и економски турбуленции по разните најави на американскиот претседател Доналд Трамп. Така, на почетокот од 2026 година цените беа повисоки од оние во 2025 година. Еден ден пред нападот на Израел, во согласност со ценовникот од Регулаторната комисија за енергетика, бензин еуросупер БС 95 чинеше 73,5, бензин еуросупер БС 98 – 75,5 денари, а дизелот 71 денар.

ПАДОТ НА ЦЕНАТА НА ГОРИВАТА Е СИЛНА КОМПОНЕНТА ЗА ИНФЛАЦИЈАТА
Најсилната врска меѓу цените на горивата и инфлацијата се виде во 2022 година, кога по почетокот на руската инвазија на Украина нагло поскапи суровата нафта Брент. Во Македонија тогаш цената на бензинот и на дизелот надмина 100 денари за литар.
Светските аналитичари веќе прават паралели меѓу претходната енергетска криза и оваа, па дури и се водат во предвидувањата за настаните врз основа на тоа што веќе се случило. И двете кризи значат дека растат цените на енергенсите, а не дека има нивен недостиг.
Сепак, не треба да се заборави дека со почетокот на кризата во Украина, се јави и криза за жито. Цените на лебното жито многу се зголемија на берзите затоа што Украина е негов голем производител. Имаше голем скок и во цената на маслата за јадење. Тие комбинирани фактори ја зголемија инфлацијата. Со стабилизирањето на состојбите цената на некои производи делумно се врати. Маслото за јадење веќе не беше 60 денари, но лани беше 80 денари. Сега, со новите поскапувања, пак стигна до 100 денари.
Сепак, факт е дека горивата се значајна ставка во создавањето на цените, а фактите покажуваат дека кога еднаш цените ќе се зголемат, трошоците за живот постојано ќе се надградуваат.
Најголемиот инфлаторен пик беше забележан во октомври 2022 година, кога инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 19,8 насто. Ова се поклопува со пикот на растот на цената на бензините и на дизелот.
Просечната инфлација за цела 2022 година беше 14,2 насто во однос на 2021 година, во 2023 година таа изнесуваше 9,4 насто, во 2024 година се симна на 3,5 насто, но 2025 година во однос на 2024 година изнесуваше 4,1 насто.

Искуството од последната енергетска криза покажува дека во Македонија горивата често се првиот сигнал за идни движења на цените. Затоа, економските аналитичари внимателно ги следат токму овие промени – бидејќи тие често го најавуваат правецот во кој ќе се движат и останатите цени во економијата.
Економистите често зборуваат и за т.н. „втори кругови“ на инфлација – моментот кога првичниот ценовен удар од енергенсите се прелева во пошироката економија. Во Македонија овој ефект е изразен бидејќи транспортните трошоци се значаен дел од цената на производите.
Историските податоци покажуваат дека периодите на стабилни или пониски цени на нафтата најчесто се поврзани со умерена инфлација, додека наглите енергетски шокови речиси секогаш носат и силен раст на трошоците за живот.
Со стабилизирањето на глобалните енергетски пазари последниве две години, инфлацијата постепено се намалува. Но, сепак уште е присутна. Ланската инфлација од 4,1 насто не е за потценување. Само уште нова ни недостига!
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








