ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска: Никој не знае колку ќе трае кризата – сите треба да штедат, и компаниите и граѓаните

    Време зa читање: 3 минути

    И покрај обврските и предизвиците во Буџетот, Владата ги следи состојбите, презема внимателно мерки и одлучува навремено. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска којашто учествуваше на денешната конференција „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ во организација на Народната банка.

    „Притисокот што го имаме за сервисирање на обврските во наредните пет години се над осум милијарди евра и тоа е сериозен предизвик и сериозен притисок којшто го чувствува оваа Влада. Ако се погледнат податоците година за година ќе се види дека обврските за сервисирање се на историски највисоко ниво. Дополнително, за споредба, ако во 2022 година каматните трошоци во Буџетот биле околу 1% од БДП, ние во 2026 година имаме каматни трошоци коишто се речиси 2% од БДП. Ова повеќе од јасно кажува колкав е притисокот и колкав е просторот во рамки на Буџетот за да се реагира. За Владата, приоритет мора да бидат граѓаните и стопанството, затоа што ова е период во којшто сите држави реагираат и како резултат на тоа, норамално е дека и ние треба да имаме одредени реакции“, истакна министерката.

    Таа потенцира дека државата одлично се справува со состојбите, при што најважно е Владата внимателно да ги таргетира мерките и да одлучува навремено.

    „Како држава одлично се справуваме со состојбите, ќе оцениме дали ќе има одредени нови мерки. Но, најголемата загриженост е колку ќе трае и какви последици ќе има врз производствените капацитети“, рече министерката.

    Таа оцени дека е многу лесно наеднаш да се донесе сет со мерки, но треба да се внимава дали со тоа можеби ќе се подгрее инфлацијата и секако дали има простор во буџетот.

    „Многу е едноставно ако одлучиме денес да направиме буџетски дефицит од 8% како што имавме некогаш, но тоа некој во иднина треба да го плати. Сметам дека една одговорна влада треба да ги таргетира внимателно мерките и да одлучува навремено. Ова е момент кога и светските експерти зборуваат дека треба да се штеди. Треба да штедат и компаниите, домаќинствата треба да штедат сите. Затоа што никој не знае колку ќе трае. Затоа една реакција на Владата треба да биде внимателна, како што рече и премиерот таргетирана и затоа не случајно најпрвин тргнавме со ДДВ. Тука беа најповолни условите. Понатаму како ќе налагаат потребите така ќе реагираме“, истакна Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека буџетот се реализира на приходната страна согласно планот и дека во однос на претходната година приходите растат.

    Министерката посочи дека во оваа состојба секој еден треба да даде придонес, вклучително и компаниите, кои преку разни механизми во изминатиот период биле помогнати и дека сега е момент кога тие треба да реагираат.

    Исто така, наведе дека од важно значење е и комуникацијата и координацијата со Народната банка, при што посочи дека во изминатиот период таа е континуирана, не само од аспект на инфлацијата, туку и од аспект на креирање на мерките.

    Министерката Димитриеска-Кочоска учествуваше во првиот панел на темата „Зајакнување на стабилноста во услови на висока неизвесност: лекции за макроекономските политики“, заедно со  гувернерот Трајко Славески, со гувернерот на Хрватската национална банка, Борис Вујчиќ, со гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, со заменик-директорот на Одделот за фискални прашања при ММФ, Ера Дабла Норис, како и со професорот за финансиска стабилност и директор на Школата за банкарство и финансии во Фиренца, Торстен Бек.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично