На вонредна седница на Македонската асоцијација за рударство (МАР) која се одржа на 29 мај, за нов претседател на Асоцијацијата е избран Диме Петроски, дипломиран инженер геолог со повеќе од 23 години искуство во рударскиот и геотехничкиот сектор.
Со богата професионална кариера што започнува уште во 1998 година како теренски инженерl, Петроски во својата кариера успешно раководел со значајни проекти за истражување, развој и стабилизација на инфраструктурни објекти, хидрогеолошки истраги и инженерскогеолошки работи. Неговото искуство опфаќа управување на сложени проекти за различни компании во Македонија и регионот, значајни проекти за ЕСМ, ЕЛЕМ, Strabag Austria како и проекти на британски, австралиски, американски и турски компании.
Во моментов, Петроски ја извршува функцијата директор за продажба на Градежен Институт Македонија АД Скопје, каде со своето лидерство и стручност придонесува за развојот и спроведувањето на бројни проекти во областа на рударството и градежништвото.
Како нов претседател на МАР, Петроски има јасна визија за зајакнување на Асоцијацијата, унапредување на соработката со регулаторните институции, поддршка на иновациите и промовирање на одржливо рударство во согласност со највисоките професионални и еколошки стандарди.
„Моја заложба е да ја вратам Македонската асоцијација за рударство на местото кое ѝ припаѓа – како репрезентативен глас и столб на рударскиот сектор, кој е значаен двигател на економскиот развој на државата. Ќе се залагам за зајакнување на капацитетите на асоцијацијата, унапредување на соработката со сите засегнати страни и модернизација на секторот преку технолошки напредок и унапредени стандарди за одговорно работење. Воедно, моја цел е да обезбедам еднакви можности и активно учество за сите членки при донесувањето на значајни одлуки, со што ќе придонесеме за стабилен и одговорен развој на рударскиот сектор во државата”, изјави Петроски по неговиот избор.
Македонската асоцијација за рударство изразува уверување дека под водство на Диме Петроски ќе се отвори ново поглавје за стабилен и одговорен развој на рударството во земјата.