Најпрофитабилните десет компании што котираат на Македонска берза лани оствариле вкупна добивка од 365,94 милиони. Заеднички постигнатиот позитивен финансиски резултат е зголемен за 10,9 насто во однос на претходната година. Моторот на профитот е банкарската дејност. На листата водечки друштва се рангирани четири банки, по две компании од областа на индустријата и на трговијата со горива, и по една од фармацијата и од услужните дејности.
Кога се има предвид дека од работењето во 2025 година 67 акционерски друштва генерирале чиста заработка од 412,2 милиони евра, сосема очигледна е улогата на првата десетка. Тие се креатори на 88,8 отсто од профитот.
Во анализата на берзанскиот преглед на финансиски податоци за котираните друштва, Пари ги опфати и десетте најизразени процентуални движења. Притоа, уште еднаш се потврди: големите скокови најчесто се јавуваат на пониските профитабилни прагови.
ЧЕТИРИ БАНКИ КРЕИРААТ 61,5 % ОД ПРОФИТОТ НА 10 ДРУШТВА
Типичен пример за релативноста на „малку“ и „многу“ е растот од 3,5 насто кај добивката на Комерцијална банка. Движењето е меѓу најниските постигнати од котираните друштва. Сепак, профитот на најголемата домашна банка од над 83 милиони евра е највисок во оваа конкуренција. Сочинува околу една петтина од вкупната добивка на сите котирани компании (20,26%), а речиси една четвртина од профитот на првите десет друштва.
Всушност, врвот на профитабилноста го држат банките од големата тројка со здружен резултат од 217 милиони евра. Следи НЛБ банка со заработените 79,4 милиони евра, зад кои стои значително зголемување од 48,09 насто. Стопанска банка Скопје е трета и покрај годишниот пад од 6,1 отсто – добивката е во износ од 54,1 милион евра.
Ако тие три во првата постава од 10 друштва партиципираат со 59,3 отсто, тогаш со четвртата – УНИ банка уделот се зголемува на 61,5 отсто. Според профитот од 8 милиони евра (+ 1,39 %), УНИ банка го зазема десетото место.
Македонски Телеком е единствениот претставник од дејноста услуги. Доминантниот оператор на македонскиот пазар е рангиран на четвртата позиција, со добивката од 41,2 милиони евра. Зголемена за 13,23 насто.
Меѓу трите друштва што минатата година запишале пониска добивка е и Титан Усје (- 4,88 %). Но, со износот од близу 29,3 милиони евра е на средината од табелата. А, три позиции подолу е третиот минус – од 15,29 отсто и стои пред добивката на Мермерен комбинат Прилеп, кој 2025 година ја завршил со 12,58 милиони евра.
Фармацевтската компанија, која лани оствари рекорден извоз на своите производи, заработи околу 29,2 милиони евра. Добивката на Алкалоид бележи позитивна годишна промена од 6,64 насто.
Двете друштва од трговијата со нафтени деривати, според добивките се позиционирани на седмото и на деветото место. Макпетрол ја зголеми добивката за 12,13 насто – на над 19,3 милиони евра. Финансискиот резултат на Окта е 9,32 милиони евра, но со растот од 163,66 насто обезбеди пласман и меѓу компаниите чиишто добивки се придружени со највисоки процентуални движења.

ВИСОКИ ПРОЦЕНТИ НА РАСТ – РЕЛАТИВНО НИСИ ДОБИВКИ
Меѓу друштвата што постигнале најголем процентуален раст на добивката доминираат трговски и земјоделски компании. Зголемувањето се движи од над 132 до безмалку 2.400 насто. Опсегот, пак, на добивките е од 406 евра до 9,3 милиони евра.
Најимпресивен е растот на скопски Технокомерц – од 2.396,09 насто. Во апсолутен износ, тоа значи исчекор од 9,5 илјади (2024) на 238,6 илјади во 2025 година.
Друштво од областа на угостителството e носител на вториот по големина раст од 942,86 насто. Станува збор за Уготур, чијашто добивка се мултиплицирала од речиси две на 20 илјади евра.
Добивката на две компании забележала зголемување од над 500 насто: Мода од Свети Николе (+ 596,11 %) и Стокопромет од Скопје (+ 525 %).
Од земјоделскиот сектор на листата се битолската ЗК Пелагонија (+ 296,75 %), струмичката Кланица со ладилник (+ 224,59 %) и кавадаречкото ГД Тиквеш (+ 210,13 %).
Во ова друштво на 10 компании, најумерени се растечките движења кај добивките на Славеј од Скопје – 161,99 насто и Неметали Огражден од Струмица – 132,85 насто.

Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Профитабилните компании на Берзата со добивка од 412 милиони евра
Аналитика








