Купувањето преку Интернет е практичен и едноставен начин за да стигнете до огромен избор на производи без да трчате по продавници. Но, купувањето онлајн бара многу повеќе од само наоѓање на саканиот производ по добра цена.
За вистинско задоволство и ефикасни онлајн финансиски трансакции ви требаат едноставни, безбедни и современи дигитални платежни апликации.
На што да внимавате кога купувате на Интернет?
Внимавајте каде и како ги користите апликациите за купување преку Интернет со цел вашите трансакции да бидат безбедни и успешно реализирани.
- Заштитете ги вашите уреди
За да бидете безбедни, ажурирајте ги компјутерот или телефонот и секогаш инсталирајте доверлив антивирусен софтвер. Проверете ги и подобрете ги вашите тајни лозинки на социјалните мрежи и на апликациите на кои ви се изложени вашите банкарски и лични податоци. Ве советуваме да избегнувате онлајн купувања ако не сте на доверлива / проверена Wi-Fi мрежа со лозинка.
- Користете само проверени веб-страници за купување
Купувајте само на легитимни онлајн продавници за кои сте сигурни дека не се лажни. На пример, проверете дали во називот на страницата има печатни грешки, затоа што само една печатна грешка може да ве однесе на т.н. „ фишинг (phishing)“ веб страница, која може да ги злоупотреби вашите банкарски и/или лични податоци.
- Внимавајте на “неверојатни понуди“
Ако преку социјалните мрежи забележите оглас кој нуди неверојатно ниски цени или бесплатна понуда, запомнете дека е поверојатно понудата да е премногу добра за да биде вистинита.
- Избегнувајте сомнителни линкови
Измамите често доаѓаат во форма на понуди преку СМС пораки, електронска пошта или преку социјалните мрежи. Пораките содржат линкови преку кои се злоупотребуваат вашите банкарски и лични податоци. Ако добивате е-пораки за онлајн зделки, посетете ги веб-страниците за тие конкретни трговци со впишување на нивните URL-адреси директно во лентата за пребарување на вашиот browser/интернет прелистувач наместо да кликнете на линковите во е-пораките. На овој начин може да проверите дали понудата е автентична и ќе се заштитите од можни злоупотреби.
- Проверете го продавачот и забележувајте „катанче“
Доколку пристапувате на online трговец кој побарува платежни податоци, , oсигурајте се дека интернет-страницата на која ги внесувате податоците од вашата картичка е безбедна – побарајте сликичка од клуч или заклучено катанче на долниот десен дел од екранот и проверете дали интернет-адресата започнува со https:// наместо со http://. Дополнително, истражете повеќе податоци за фирмата сопственик на онлајн продавницата, односно дали има адреса, телефон, позитивни и негативни коментари.
- Прочитајте ги Правилата и условите за користење услуга или производ при давање согласност за плаќање
Ве советуваме да направите проверка за можни дополнителни трошоци или идни несакани периодични наплати од вашата банкарска картичка. Трговците неретко го користат невниманието на потрошувачите преку нудење несакана согласност при плаќањата.
- Зголемете го вниманието при потврдување на плаќање преку 3DES безбедносниот протокол
Ние ви обезбедуваме сигурни плаќања со безбедносниот протокол 3DES, што го имаат сите Mastercard и Visa картички на Комерцијална банка. Голем број домашни и светски интернет продавници (сајтови) се сертифицирани и ја поддржуваат 3DES технологијата. Се препознаваат по тоа што на својата веб-страница ја имаат објавено ознаката Mastercard SecureCode® или Visa Secure, која укажува дека веб-страницата е легална и безбедна за интернет купување.
Но, особено бидете внимателни кога добивате СМС порака со еднократен верификациски код. При тоа:
- Проверете дали називот на трговецот и износот во СМС пораката се совпаѓаат со називот содржан во адресата на страната каде се врши плаќањето (URL) и износот кој е потребно да го платите.
- Ако податоците се идентични, внесете го кодот во прозорецот што се отвора на интернет-страницата и го содржи истото име на трговец како она во СМС пораката,
- Кликнете Испрати и почекајте потврда за (не)успешно реализирана трансакција.
И најважно од сѐ:
- Оставајте што е можно помалку податоци за себе – на ниедна онлајн продавница не ѝ треба вашиот матичен број или датум на раѓање.
- За онлајн плаќање со картичка се доволни само три податоци: број на картичка, датум на истекување и CVV2/CVC2 код (троцифрен број што се наоѓа на задната страна).
- При интернет трансакции, вашиот PIN не е потребен. Тоа е код со кој се потврдуваат плаќањата со физичко присуство на картичката при користење на АТМ или при плаќања на POS терминали на продажни места и кој треба да го знаете само вие и никој друг.