ПОВЕЌЕ

    Дебитна картичка: Бесплатно издавање, годишна членарина до 1.080 денари

    Време зa читање: 3 минути

    Дебитните картички кај повеќето банки се добиваат бесплатно. Сепак, користењето на оваа услуга носи два типа трошоцинадомест при издавање или обнова и годишна членарина. Според податоците за цената на услугите опфатени со алатката за споредба на Народната банка, во две од 12 банки треба да се плати дебитната картичка. А, само во една моделот е комбиниран, се наплатува доколку корисникот не ги прима редовните месечни приливи – плата или пензија во таа банка. Но, иако уписнината е гратис, разлики има кај обновата и уште повеќе, кај годишниот надомест.

    Без трошок дебитните картички се издаваат во Алта банка, НЛБ банка, ПроКредит банка, Силк Роуд банка, УНИ банка, Централна кооперативна банка и Шпаркасе банка.

    Комерцијална банка наплатува 150 денари, а Капитал банка 250 денари.

    Стопанска банка Скопје и ТТК банка не наплатуваат провизии за издавање, но обновата чини 100, односно 150 денари.

    Кај Халк банка условите зависат од статусот на клиентот. Примателите на плата или пензија не плаќаат, а обновата изнесува 100 денари. За другите, издавањето дебитна картичка чини 300, а обновата 100 денари.

    Разликите се поизразени кај годишната членарина и се движат во распон од 0 (Капитал банка и УНИ банка) до 1.080 денари. Во случајот, пак, на ПроКредит банка, членарината од 300 денари не се наплатува за примателите на плата.

    Најниската редовна членарина од 200 денари е во тарифникот на Силк Роуд банка. НЛБ банка наплатува 240 денари годишно или по 20 денари месечно за Виза Електрон.

    Алта банка, ПроКредит банка (за неприматели на плата), Стопанска банка Скопје, ТТК банка и ЦКБ имаат годишен надомест од 300 денари.

    ТТК банка овозможува ослободување од членарината доколку годишниот промет во трговијата надминува 90.000 денари, а за картичките издадени пред 1 август 2025 година нема надомест во првата година.

    И Халк банка не наплатува членарина во првата година, а потоа 200 денари за приматели на плата/пензија и 300 денари за останатите клиенти.

    Највисока редовна членарина има Шпаркасе банка – 360 денари годишно. Во Комерцијална банка годишната членарина се движи од 240 до 1.080 денари.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично