“Бизнис заедницата очекуваше конечни законски решенија, кои и овој пат изостанаа, а доби презентираните ставови кои реално не можат да се користат за буџетирање на 2023 година. Се повторува неодговорниот однос кон бизнис секторот кој се остава да работи со непознати параметри и во сферата на неизвесност и правна несигурност без да се има чуство дека даноците, исто како и енергијата и инфлацијата се клучни за успешно работење на компаните“, вели даночниот експерт М-р. Павле Гацов, сопственик на агенцијата Про Агенс и претседател на Здружението на даночни советници на Македонија.
Власта вчера објави дека се откажа од прогресивниот данок кој требаше да стартува од први јануари. Нема да има ниту зголемување на ДДВ-то, данокот на добивка останува 10 отсто, а нема да се оданочуваат ниту каматите на заштедите. Граѓаните сами ќе одлучуваат дали ќе ги оданочат или не хонорарите. Ќе се зголемува данокот за луксузните производи. Новиот концепт во даночната политика со кој се очекува плус 70 милиони евра во Буџетот.
Во продолжение целосниот осврт на М-р. Пале Гацов за реформите во даночната политика:
„Се троши и последниот месец од 2022 година, а најавената даночна реформа повторно беше преставена на прес конференција, овој пат во редуцирана форма во однос на првичнo најавениот опфат.
Бизнис заедницата очекуваше конечни законски решенија, кои и овој пат изостанаа, а доби презентираните ставови кои реално не можат да се користат за буџетирање на 2023 година. Се повторува неодговорниот однос кон бизнис секторот кој се остава да работи со непознати параметри и во сферата на неизвесност и правна несигурност без да се има чуство дека даноците, исто како и енерггијата и инфлацијата се клучни за успешно работење на компаните.
На место прогресивното оданочување на граѓаните како водечка тема на најавената „даночна реформа“, се најави нова „мега тема“ со евентуално воведување на данок на екстра профит за компаниите, чиј профит е поголем од 20% од нивниот просечен профит за последните 4 години, притоа имајќи предвид дека во 2020 и 2021 година, повеќето од компаниите имаат остварено многу ниски профити, дури и загуби, со што и споредбениот просек од кој ќе се мери екстра профитот би бил прилично низок. Овој режим би ги опфатил само побогатите фирми.
Во овој контекст добар параметар за оданочување би бил соодносот на учеството на платите, од една страна и нето добивката од друга во однос на вкупните приходи. Би се оданочувале компании кои за сметка на платите на работниците, остваруваат високи профити за сопствениците. Компаниите кои искажале висок раст на профит во однос на малиот раст на платите на вработените би платите данок на екстра профит. За сега, даночните власти не размислуваат за ваква опција.
После подолг период се укинува ослободувањето од данок на микро и малите трговци со вкупен приход до 3 милиони денари. Наместо оваа стимулативна мерка се воведува данок на вкупен приход по стапка од 1%, односно данок на добивка по стапка од 10% за деловните субјекти кои ќе остварат вкупен приход до 6 мил
иони денари. Овие субјекти ќе имаат право на избор на еден од двата даночни режими.
Реинвестирањето на добивката останува во категоријата на даночни ослободувања, со најава за ограничување на намената на набавените инвестициони добра и контрола на злоупотребата по основ на ова намалување и нивно санкционирање со 5 пати поголем данок од износот на искористеното ослободување.
Компаниите го губат правото за даночно ослободување по основ на животно и здравствено осигурување.Ова ќе влијае врз осигурителните компании.
Се најави и опфат на тнр. немонетарни менаџерски бонуси, кои инаку беа предмет на оданочување и досега. Најавеното решение е всушност прецизирање на одредбите кои во праксата се третираа како оданочиви.
Кај данокот на додадена вреднос е најавено пренесување на голем број производи за човечка исхрана од ДДВ со 5% на 10%. Сепак ова нема да се однесува на основните прехранбени производи. Во овој дел потсетуваме дека е напуштено зголемувањето на прагот за регистрација за ДДВ обврзник на 3 милиони денари со што останува да важи актуелниот праг за ДДВ регистрација од 2 милиони денари.Се воведува намалување на данокот кај производите за менструална хигиена кои ќе се оданочуваат со 5% наместо со 18%.
Кај данокот на личен доход, освен укинувањето на прогресивното оданочување кое нема да се применува од 2023 година, главна најава е дека социјални придонеси за примените хонорари ќе се плаќаат само на доброволна основа, од страна на оние кои немаат некакво социјално осигурување по друг основ.
Се укинува ослободувањето по основ на животно и доброволно пензиско осигурување,
Се воведува оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност кои се поседуваат пократко од 2 години, а оданочувањето на каматите од орочени депозити се одлага до влегувањето на Македонија во ЕУ“.
М-р Павле ГАЦОВ
Агенција Про Агенс
Претседател на Здружението на даночни советници на Македонија