Економски раст од 2,1 отсто, забавување на растот на инфлацијата, линеарно зголемување на пензиите, раст на платите, повеќе пари за социјални трансфери, повеќе пари за проекти на локално ниво… Ова се дел од најавите на новата Влада за Ребалансот на Буџетот за 2024 година кој беше усвоен на вчерашната седница. Иако за расправа се предвидени три дена, буџетот беше изгласан за неколку часа.
Донесениот ребаланс на буџетот предизвикува низа реакции во стручната јавност. Кој добива, а кој губи, каде се кратат најмногу пари и кои гранки ќе бидат најпогодени, во кои сектори се обезбедуваат повеќе паро, какви ќе бидат ефектите генерално врз економијата, капиталните инвестиции, стандардот итн.
Вкупните приход се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или повисоко за 2,6 проценти, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 проценти, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Обезбедени се дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ зоните,1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат средствата во Буџетот на државата.
Со ребалансот се обезбедени и 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.
Во однос на коридорите 8 и 10, потенцирано од Владата е дека двата проекта не може паралелно да се тераат. Можеби за две-три години ќе може да се вклучи Коридорот 8 кој засега нема додадена вредност, како што велат оттаму, а Коридорот 10, за бизнис секторот е многу поважен и притоа, обврска и приоритет на власта е на компаниите да им излезе во пресрет.
Со ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 отсто од претходно проектираните 3,4 проценти, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5 отсто.
Се поставува прашањето дали ребалансот на буџетот ќе ја задржи стабилноста и ќе обезбеди баланс во економијата.
Универзитетскиот професор, Зоран Ивановски, за порталот „Пари“ посочи дека зголемената стапка на буџетскиот дефицит високо над определините Мастришки критериуми се јасен сигнал дека буџетот продолжува да се креира за задоволување на социјални потреби и дека сѐ повеќе станува нефлексибилен, со што во „втор план“ се става развојната компонента, а и сериозно се загрозува фискалната одржливост.
-Ребалансот ќе обезбеди непречено финансирање на преземените обврски и изборни ветувања, но од друга страна Македонија продолжува да „живее“ над своите реални можности. Недоволно се размислува за алтернативите за финансирање заголемувањето на јавните приходи, со што континуирано продолжува нагорниот тренд на задолжувањето – укажува Ивановски.
Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека повеќе од потребно било да се направи целосна промена на расходниот план, и тоа не само за годинава туку за еден среднорочен период, дека народните пари мора да се вложуваат во столбовите на државата. Тој истакна дека во здравството може да се направи истиот аутпут, во образованието може да ги намалиме за 25% расходите, а да се направиме истиот аутпут, кај капиталните инвестиции е уште подраматично – половина од тие средства може да се заштедат.
К.М.