Дигитализацијата разбрана како примена на дигиталните технологии во секојдневното живеење во светски рамки беше тренд пред Ковид-19 кризата, но доби на интензитет во текот на истата. Пандемиската 2020 година се нарекува game changer или година којашто го смени текот на настаните. Тековните дискусии на светско ниво се насочуваат на прашањата: до кој степен кризата со Ковид-19 доведе до дигитална трансформација на општествата?; Дали примената на вештачката интелегенција и машинското учење ќе ги замени процесите и луѓето во компаниите?; Дали демографскиот шок од стареење на населението во некои развиени земји ќе се надокнади со роботи, како по примерот на Јапонија?; Дали финтек индустријата ќе има континуиран пораст? Какви ќе бидат импликациите од воведувањето на национални дигитални валути од страна на највлијателните централни банки во светот?
А каква е состојбата во Македонија? Дали како општество сме поготвени за новото дигитално време? Дали дигитализацијата се забраза со пандемиската криза? Дали дигитализацијата ќе стане примарна во сите активности на нашето окружување – од работата, кoмуникациите, потрошувачката, образованието, финансиите, јавните и здравствените услуги?
За да знаеме до кој степен сме спреми за “новото” време, потребно е да ја погледнеме статистиката[1] за пристапот и користењето на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) од страна на домаќинствата, поеднинците и компаниите. Треба да знаеме какви дигитални вештини поседува нашето население и каква е опременоста на компаниите со ИКТ. Исто така, за да имаме престава до кој степен е спремноста за дигитализација на нашето општество, треба да се споредиме со земјите од Европската Унија (ЕУ) и светот. За да спроведеме стуктурни реформи во некои области, потребно е прво да имаме престава за каква беше состојба пред кризата со Ковид-19, што смени кризата и каде треба прво да делуваме како општество.
Податоците од пред ударот на кризата покажуваат дека опременоста со комјутери на домаќинствата во Македонија е реалативно ниска, и дека постои значаен процент на домаќинства коишто сѐ уште немаат пристап до интернет. Пристапноста до интернет се зголемуваше со текот на годините заради мобилната широкопојасна мрежа и користењето на мобилните телефони. Раст на користењето на интернет имавме кај сите старосни групи, но највеќе за комуникација и учество на социјални мрежи. Дигитализацијата на финансиите, на трговијата, на јавниот сектор, во здравството беше ниска пред кризата со Ковид-19. Ниска беше побарувачката на населението за користење на дигиталните услуги, а ниска беше и понудата на производи и услуги од страна на приватните претријатија и јавниот сектор преку интернет. Кризата ја засили примената на дигиталната технологијата во нашето живеење, особено при спроведување на работа од далечина, следење на образовниот процес, за извршување на плаќањата, а се зголеми и прометот на е-трговијата.
Каде сме во споредба со светот во однос на прифаќање на ИКТ и дигиталните вештини?
Извештајот за глобална конкурентност на светскиот економски форум во 2019 година ја рангира Македонија на 70-то место во светот од 141 земји во третиот столб којшто се однесува на прифаќање информациски и комуникациски технологии. Третиот столб опфаќа повеќе индикатори: користење на интернет кај работоспособна популација, претплатници за мобилен телефон, за мобилен широкопојасен интернет, за фиксен широкопојасен интернет и за интернет со оптички влакна. Во 2019 година по користењето на интернет сме рангирани на 46 место во светот, подобро од генералниот ранг.
Дигиталните вештини (компјутерски вештини, основно кодирање, дигитално читање) на активната популација во Македонија се оценети со 3,76, од скала од 1 до 7[2], што е најниска оцена во регионот и пошироко (пр. во САД оценката е 5,33, во Германија 5,01 и Кина 4,66). Ваквата оценка не позиционира на 106 место во светот од вкупно 141 земја вклучени во индексот на конкурентност. Исто така, според податоците за дигитална писменост од Еуростат заклучно 2019 година, само 32% од населението во Македонија има основни или над основни дигитални вештини[3], додека просекот во ЕУ е 56%. Понизок процент на дигитални вештини има само населението во Косово, БиХ, Бугарија и Романија.
Извор: Светски економски форум и Еуростат.
Двата индикатора, за прифаќање на информациски и комуникациски технологии и за дигитални вештини, покажуваат дека постои голем простор за унапредување. Нискиот процент на население со основни и над основни дигитални вештини е аларм за потребни мерки за подигање на дигиталните вештини, со цел населението да може да се прилагоди на новото време и да ги искористи предностите од дигитализацијата.
Каков е пристапот и користењето на ИКТ од страна на населението во Македонија?
Според последните расположливи податоци (од првото тримесечје на 2020 година) 79,9% од домаќинствата во Македонија имале пристап до интернет од дома[4], што е под просекот во ЕУ (90% во 2019г.). Трендот во последните години е позитивен, односно бележи раст на процентот на домаќинстава коишто имаат пристап до интернет дома (од 55% во 2011 година). Ова го отсликува растот на поврзаноста со интернет преку мобилната широкопојасна конекција (од под 5% на 66% од домаќинствата), додека фиксно широкопојасно поврзување на интернет имаат 70% од домаќинствата, процент којшто релативно е стабилен во подолг временски период. Сепак, и покрај зголемиот процент на домаќинства со пристап до интернет 20,1% од домаќинствата сѐ уште немаат интернет. Во однос на причините зошто немаат интернет, најголем дел кажале дека немаат потреба од интернет, потоа дека немаат искуство и умешност, но значаен дел навеле дека цената на опремата и центата на пристапот до интернет е многу висока (со 2017 година податоци од ДЗС). Ова соодветствува со податоците од Еуростат од 2019 година, каде 17% од домаќинствата во Македонија кажале дека основна причина зошто немаат интернет дома е високиот трошокот за приклучување.
Податоците укажуваат на фактот дека одреден сегмент од домаќинствата во Македонија има ниска куповна моќ и нема дигитални вештини. Овие домаќинства се надвор од употребата на дигиталните канали и затоа за нив е потребна директна финансиска поддршка од државата.
Во однос на опременоста на домаќинствата со комјутер, податоците од Еуростат од 2017 година (последно достапни) покажуваат дека 67% од домаќинствата во Македонија имаат пристап до комјутер (барем еден од семејството има комјутер), додека просекот во ЕУ е значајно повисок и изнесува 83%. Ова не става на дното на табелата во Европа, по Турција, Косово и Бугарија. Кога станува збор за користењето на комјутер од страна на населението (од дома и на работа), 71% од лицата на возраст од 16-74г. користат комјутер (највеќе учениците и студентите, вработените и оние со високо образование), додека просекот во ЕУ е 80%. Притоа, 56% од работоспособното население користи компјутер секој ден, што е блиску до европскиот просек од 61%.
Поновите податоци од 2019 година покажуваат дека поголем дел од работоспособното население во Македонија (74%) користи мобилни уреди (преносен компјутер или мобилен телефон) за пристап до интернет во движење, што е идентично со просекот во ЕУ. Од друга страна, процентот на лица со пристап до мобилен интернет (кои користат лаптоп или таблет компјутер за пристап до интернет далеку од дома или од работа) изнесува 30% и е понизок од просекот во ЕУ (39%).
Голем дел од населението во Македонија поседува мобилни телефони. Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во 2020 година изнесува 1,833,689 или 88,3 на 100 лица и е намален во однос на 2019 година (од 1,944,870). Намалувањето на бројот на претплатници во мобилната телефонија има од 2014 година наваму, што можеби во дел ги отсликува негативните демографските промени кои се случуваат во нашата земја, односно нето-негативното миграциско салдо и нискиот прираст на населението. Сепак, и понатаму расте бројот на претплатници за пристап на интернет преку мобилните мрежи и во 2020 година изнесува 1,348,663.
Понискиот процент на домаќинствата кои имаат пристап до комјутер во Македонија од европските земји покажува на недоволна опременост на домаќинствата со комјутери во домовите. Една третина од домаќинствата немаат комјутер. Помалку од една третина од работоспособната популација поседува лаптоп или таблет комјутер. Статистиката за користење на комјутерите (од дома и работа) укажува на речиси идентично користење од страна на домашното население како и европскиот просек. Воедно, процентот на население кое користи мобилни уреди за пристап до интернет во движење е идентичен на европскиот просек. Ова укажува дека пристапот до интернет во голем дел е овозможен со користењето на мобилните телефони. Пристапот до многу дигитални услуги може да се реализира со користење на мобилни телефони, но во одредени сегменти, на пример во образованието потребна е и опременост со комјутери. Тука, е потребна финансиска поддршка за ранливите групи со цел истите да имаат корист од придобивките од дигитализацијата.
Колку од населението користи интернет и за кои намени?
Најновите достапни податоци од првиот квартал на 2020 година покажуваат дека 81,4% од вкупното население на возраст од 15-74 години користело интернет во последните три месеци, што не се далеку од европскиот просек (86% користат интернет). Користењето на интернет има интензивен раст повеќе од една декада во рамки на сите старосни групи во нашата земја. Сепак, статистиката покажува дека младите, вработените и лицата со високо образование поактивно користат интернет. Милениумците, генерација Z и генерација Alpha (децата, учениците и студентите, и оние до 40-ти години) се израснати со дигиталната технологија и истите се високо адаптивни на новите трендови. Од друга страна, повозрасните, неактивните лица (во нивни рамки и пензионерите), како и оние со пониско образование во помал дел користат интернет. Навиките на постарите лица тешко дека се менуваат, но позитивните тенденции во последните неколку години покажуваат на адаптација и кај оваа старосна група.
Но за што се користи интернетот? Најголем дел од населението (над 70%) користи интернет за размена на пораки, телефонирање, учество во социјални мрежи и ставање на лично креирани содржини. Учество во социјалните мрежи има речиси 70% од населението во Македонија, што е значајно повеќе од просекот во ЕУ (54%). Исто така, поставување на самосоздадена содржина (текст, слики, фотографии, видеа, музика итн.) има 70% од населението во Македонија, наспроти само 29% од населението во ЕУ, што е највисоко во однос на сите земји од ЕУ. Околу 52% од домашното население користи интернет за наоѓање информации за производи и услуги (66% во ЕУ), а 48% за читање онлајн весници и списанија, и приближно во ист процент за слушање на музика. Релативно помал дел или 45% го користат интернетот за праќање или примање на електронски пораки (73% во ЕУ). Интересен е податокот за релативно висок процент од населението кое користи интернет за барање информации поврзани со здравјето (41%). За гледање на ТВ интернет користат 29%, а за симнување или играње игри околу 23% од населението.
Интернет банкарство користи само 15% од работоспособното население, што е значајно пониско од европскиот просек (55%) и од земјите како Норвешка, Исланд, Данска, Холандија и Финска, каде дури 91% од населението користи интернет банкарство. За пристап до лични здравствени записи, закажување на лекар се изјасниле 4,7% од домашното население, а за други здравствени услуги само 3,1%. Според податоците од 2019 година, коишто не се опфатени во првото тримесечје на 2020 година, 8,6% од испитаниците кажале дека користат интернет за барање на работа и аплицирање (16% е просекот од ЕУ). Воедно, според податоците од еуростат, во 2019 година 29% од населението во Македонија барало информации за едукација, тренинг и онлјан курсеви, што е на европскиот просек, а 6% имале онлај курсеви што е блиску до европскиот просек (8%).
Само 25% од населението во Македонија го користи интернет за интеракција со јавната власт/јавен сервис (во ЕУ 53%). Истите земји од Европа (Данска, Исланд, Финска, Норвешка, Холандија и Швестска) имаат највисок процент на користење на е-услуги од јавен сектор. Низок процент или 19% од возрасното население во Македонија користи интернет за добивање информации од вебсајтови на органите на управата (44% во ЕУ), а 11% го користи интернет за симнување и за поднесување на пополнети официјални формулари.
Во однос на е-трговијата, поголем дел од населението (56%) никогаш не нарачало или купило производи/услуги преку интернет. Во последните 12 месеци (од прв квартал 2019 до прв квартал 2020 година) 40% од населението користело интернет за нарачка и купување на производи/услуги, додека само 26% нарачале/купиле во последни три месеци (22% во 2019г.) Во однос на старосните групи, најактивни се младите и лицата од 25-54 години. Има разлика во однос на склоноста за купување преку интернет, ако станува збор за град или останати населени места (42%, наспроти 28%). Последните податоци покажуваа дека поголемиот дел од купувањата на интернет се однесуваат на домашни производи и услуги (48%). На интернет највеќе се купува облека (вклучително спортска облека), чевли и додатоци (накит, чанти и сл.), во помал дел спортска опрема (без облека), компјутери, таблети, мобилни телефони, потоа козметика и предмети за убавина, производи за домаќинство, детски играчки и електронска опрема и камери. Во 2019 година се наоѓаат и хотелските и други аранжмани за патувања, како и билети за настани, телекомуникациски услуги и купувања на компјутерски хардвер.
Низок степен на користење на е-продажба има и кај домашните деловните субјекти. Процентот на фирми (без финансиски сектор) коишто остваруваат е-продажба е значајно низок, односно во 2019 година само 3,6% односно 3,4% од фирмите примиле нарачки за стоки или услуги преку компјутерски мрежи, односно веб. Процентот на домашни фирми кај кои е-продажбата е најмалку 1% од вкупната продажба е само 2% (просекот на ЕУ е 17%). Во однос на големината на деловните субјекти, најголем процент на веб-продажба како процент од вкупната продажба имале големите фирми (9,6%), потоа средните фирми (6%), додека низок процент од малите фирми (2,7%). Кај поголем дел од фирмите (2,9%) веб-продажбата е до крајните потрошувачи (B2C), додека само 1,5% од фирмите продале на други фирми (B2B) и на државни органи (B2G) преку дигиталните канали.
Ваквата статистика за користењето на интернетот пред ударот на Ковид-19 кризата укажува на неколку значајни аспекти. Најголем процент од населението во Македонија го користи интернетот за комуникација и информирање. Интернетот овозможи да се одржи социјалниот живот и во услови на тековната пандемија. Релативно висок процент од населението веќе користело интернет за пронаоѓање на информации поврзани со здравјето, но низок процент за закажување на лекар и други здравствени услуги. Сепак, во услови на пандемија, оваа состојба веројатно е значајно изменета. Овие податоци и новата реалност покажуваат дека има услови за иден подинамичен развој на е-здравство.
Нискиот процент на користење на интернет за банкарските услуги пред кризата, и покрај нивната голема понуда од страна на банките, укажуваше на потребата од поинтензивни кампањи за финансиска и дигитална едукација. Новата реалност го забрза и овој процес.
Релативно нискиот процент на население коешто купувало производи и услуги на интернет пред Ковид-19 кризата, може да се поврзе како со недостатокот на дигитални вештини на населението и склоноста за купување на физички места на продажба, така и со недоволната домашна понуда на производи и услуги од страна на домашните фирми преку дигитални канали.
Барањето на податоци преку интернет за едукација, тренинг и посета на онлајн курсеви бил тренд и пред кризата. Пандемијата го насочи образовниот процес на примена на технолошките достигувања. Дигитализацијата треба да биде составен дел во образовниот процес и по крајот на Ковид-19 кризата, со претходно решавање на сите споменати недостатоци – во поглед на обезбедување на пристап до комјутери и интернет за ранливите домаќинства и за наставниот кадар, за којшто исто така ќе биде потребна и обука за подигање на дигиталните вештини. Треба да создаваме генерација подготвена за новото дигитално време, но треба да создадеме и услови за спроведување на истата.
Пред кризата, низок процент од населението користело интернет за барање на работа, што е показател за потребни реформи на пазарот на труд, односно за поголемо дигитално мрежно поврзување на невработените и работодавачите. Потребна е заложба за поголемо усогласување на понудата и побарувачката на труд, и намалување на невработеноста. Во прилог на ова е релативно значајниот процент на невработени, но и неактивни, кои користат интернет.
Ниските проценти на користење на е-услуги од јавниот сектор може да се индикација за недоволна информираност и дигитални вештини на населението, но и за слаба дигитализацијата на јавниот сектор. Ова укажува на потребата од реформа во овој домен, зошто дигитилизацијата со себе носи и поголема транспарентност, ефикасност и во крајна истанца влијае врз намалување на сивата економија и губењето на дел од буџетските приходи.
Што смени кризата со Ковид-19?
Тековната криза несомнено го засили користењето на интернет, како во поглед на одржување на секојдневната комуникација (особено при примената на строгите мерки за ограничување на заразата како карантините и полицискиот час), така и заради воведување на онлајн наставата кај учениците и студентите. Притоа, реструктуирањето на работењето од далечина кај компаниите (кои имаа услови за спроведување на истото) има одраз врз поголемо користење на интернет од дома. Не-вообичаената достапност на експозитурите на банките го пренасочи населението кон дигиталните банкарски канали за извршување на плаќањата и следење на состојбите на сметките, а затварањето на голем дел од услужниот сектор и трговијата на мало, ја поттикна интернет продажбата.
Според дневните податоците од Google за мобилноста на населението во Македонија (COVID-19 Community Mobility Report), од почетокот на здравствената криза до крајот на 2020 година, мобилноста на работните места во просек беше намалена за околу 25%, што укажува дека околу една четвртина од вработените работеа од дома. Податоците покажуваат дека при првиот бран на кризата и поголемото затварење на економијата се зголемила значајно мобилноста на местата на живеење, што е индикација за поголемо користење на интернет од дома. Ваквите трендови имаат повторна појава во октомври, со почетокот на онлајн наставата во училиштата и универзитетите.
Извор: Community Mobility Reports, Google.
Најновите податоци од платежната статистика на Народната банка покажуваат дека Ковид-19 кризата придонесе за зголемено користење на дигиталните банкарски канали. Во текот на 2020 година, а особено во второто тримесечје, во услови на вонредна состојба, спроведени карантини и полициски час, и при намален обем на работа на експозитурите на банките, населението беше приморано да се насочи повеќе кон користење на интернет банкарството. Сепак, трендот беше позитивен и до крајот на годината, при што физичките и правните лица го зголемија бројот на сметки за електронски извештаи и плаќања, извршуваа електронски трансфер на средства (кредитини трансфери), а физичките лица активно купуваа на интернет со употреба на кредитните картички.
Бројот на сметки на физичките лица за електронски извештаи и за плаќања забележаа висок годишен раст од околу 23%, а на правните лица се зголеми за 14%. Бројот на електронски кредитни трансфери од страна на физичките лица забележаа исклучително висок годишен раст (за 2,4 пати, односно вкупно 123 милиони, наспроти 52 милиони во 2019 година) заради поинтензивно користење на мобилните телефони, и помалку на персоналните комјутери. Ова ја зголеми и вредноста на реализација на електронските трансфери кај физичките лица (за 30% на годишна основа, на 760 мил. евра, наспроти 584 милиони евра во 2019 година). Од друга страна, бројот и вредноста на хартините кредитни трансфери иницирани од физичките лица се намалија за 18% и 7%, соодветно.
Кај правните лица овие трендови не беа толку изразени, во услови на значајно намалување на вкупната економска активност. Сепак дојде до одредено пренасочување кон дигиталното банкарство и од страна на правните лица. Бројот на електронски кредитни трансфери од правните лица забележаа годишен раст од 2,2%, и тоа во поголем дел заради иницирањето преку мобилни телефони. Вредноста на реализација на електронските трансфери кај правните лица минимално се зголеми (за 0,9%) на годишна основа, во услови на позначаен пад на вредноста на хартините кредитни трансфери (за 13%).
Намалената економска активност, не-вообичаената достапност на експозитурите на банките и пренасочувањето на дел од работењето со употреба на електронски канали доведе до позначајно намалување на повлекувањето и депонирањето на готовина од страна на физичките и правните лица на шалтерите на банките. Повлекувањето на готовина од шалтерите на банките се намали за 26%, а на депонирањето за 16% на годишна основа.
Кризата со Ковид-19 доведе до позначаен раст на е-трговијата во нашата држава. Според податоците од платежната статистика на НБРСМ, во 2020 година има исклучително висок раст на домашната е-трговија со користење на домашно издадени картички. Вредноста на реализирани трансакции на интернет-продажни места опслужувани од страна на резидентни обезбедувачи на платежни услуги со картички издадени во земјата има висок раст на годишна основа (за 2,4 пати, од 69 милиони евра во 2019 година на 167 милиони евра во 2020 година). Ова во најголем дел (97%) се должи на трансакциите на физичките лица. Воедно, продажбата од домашните е-продавници е зголемена и заради користење на странски картички (годишен раст од 58% или од 6,8 милини евра во 2019г. на 10,8 милиони евра во 2020 г.). Наспроти ова, пад има кај интернет купувањата во странство со домашно издадени картички и тоа за 38% на годишна основа.
Дали компаниите од приватниот сектор беа подготвени за дигитализација?
Во однос на дигатилизацијата на претпријатијата, податоците од 2019 година[5] покажуваат дека најголем дел од нив располагаат со комјутери и имаат пристап до интернет (96,4%), но понизок процент имаат своја веб-страница (55,6%), чијашто употреба е најмногу за социјалните мрежи. Низок е проценот на фирми кои вработиле и обезбедиле обука за ИКТ специјалисти (околу 14%). Сепак, ваквите проценти значајно се разликуваат во однос на големината на претпријатијата. Така, големите фирми во поголем процент имаат комјутери и пристап до интернет и поголем број имаат своја веб-страница (83%), којашто покрај употребата за социјални мрежи служи и за споделување на мултимедијална содржина и за блогови. Воедно, 60% од големите претпријатија имаат вработено ИКТ специјалисти и 33% обезбедиле обука за нивен развој. Што се однесува до средните претпријатија, речиси сите имаат комјутери и пристап до интернет (повисок процент и од големите претпријатија), 69% имаат своја веб-страна, но во помал процент вработуваат ИКТ специјалити (24%), за коишто обезбедуваат обуки за иден развој (19%). Кај малите фирми, со вработени до 10 лица, помал е проценот на оние кои имаат компјутери и пристап од интернет (околу 95%), своја веб-страна имаат само 53%, и само 10% вработуваат ИКТ специјалити.
Во однос на дигитализацијата по дејности, податоците од 2019 година покажуваат дека ИКТ-дејноста и дејноста инфорамции и комуникации, имаат највисок степен на дигитализација, наспроти дејноста сместување и сервисни дејности за храна, во која најмал број на фирми имаат компјутери и своја веб-страна. Своја веб страна немаат ни голем број од фирмите во трговијата, градежништвото, индустријата, транспортот и складирање, што е во линија на малиот процент на фирми во овие дејности кои остваруваат е-трговија. Така, само 5,3% од фирмите во трговијата остваруваат приходи преку е-трговија, 3,6% од фирмите во дејноста сместување и сервисни активности за храна, 3% од фирмите во индустријата и 1,3% од траспортните фирми и оние за складирање.
Ваквите податоци покажуваат дека дигиталната опременост на фирмите е солидна, во однос на раполагањето со комјутери и пристапот до интернет. Сепак голем дел од компаниите сѐ уште немаат своја веб страна. Поразително е ниското користење на дигиналните канали за промоција и реализација на својата продажба пред Ковид-19 кризата. Оттука, проблемот за развој на е-трговијата во домашната економија беше и на страна на понудата, односно во ниската свесност на фирмите за можноста на дигиталната продажба. Овие показатели укажуваат на низок степен на искористеноста на дигиталните канали и кај фирмите од услужниот и прехрамбениот сектор. Кај нив постои голем потенцијал за зголемување на продажбата на производи и услуги преку интернет.
Но, податоците од платежната статистика кои покажуваат на значаен раст на купувањата преку интернет од страна на домашното население во 2020 година, и тоа особено на домашни производи и услуги, се индикација дека некои домашни фирми се прилагодија на “нова” норамала. Во отсуство на најнови статистички податоци, во исчекување сме да видиме колкав процент на домашните фирми го пратеа трендот на засилена дигитализација којшто беше присутен во повеќето земји од светот во текот на пандемијата со Ковид-19.
[1] Повеќето податоци кои се достапки за анализа на трендовите во дигитализацијата се однесуваат на крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година, а некои се последно достапни во 2017 година. Извори на податоци: Државниот завод за статистика (ДЗС), Еуростат, Агенција за електронски комуникации (АЕК), Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), Светскиот економски форум и Гугл – Извештајот на Гугл за мобилност на населението во Македонија.
[2] Кадешто 1 означува воопшто нема, а 7 во голема мера ги поседува.
[3] Основните или над основните дигитални вештини претставуваат две највисоки нивоа на севкупниот индикатор за дигитални вештини, што е составен индикатор заснован на избрани активности што ги вршат лица на возраст од 16-74 години на интернет во четирите специфични области (информации, комуникација, решавање проблем, креирање содржина). Се претпоставува дека поединците кои извршиле одредени активности ги имаат соодветните вештини; затоа индикаторот може да се смета како застапник на дигиталните компетенции и вештини на поединци.
[4] Според годишното статистичкото истражување за употребата на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во домаќинствата и кај поединците од Државниот завод за статиститка (ДЗС) на Република Северна Македонија (ноември 2020 година).
[5] Според годишното статистичкото истражување за употребата на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во деловните субјекти, 2019 година од Државниот завод за статиститка (ДЗС) на Република Северна Македонија (октормври 2020 година).