Во контекст на информациите дека „Прогрес Компани“ од Долно Коњари била затекната при активности поврзани со нелегален ископ во коритото на реката Вардар, без соодветна документација или дозволи, се наметнува потребата финансиските резултати на компанијата да се анализираат внимателно и во поширока рамка.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска во мај годинава, со присуство на медиуми на лице место го отвори случајот на нелегален ископ на песок и чакал крај реката Вардар, тврдејќи дека се работи за фирма која нема никаква лиценца и одобрение за работа, а притоа врши уништување на природата. Арсовска тогаш го повика МВР и надлежните институции да постапат по нејзината пријава поради заканите кои таа и нејзиното семејство го добиле од страна на сопствениците на фирмата од Долно Коњари.
„Нелегален ископ на криминалците од „Прогрес Компани“ Долно Коњари, браќата Ќазим и Ќамил Османовиќ, кои додека си тераат бизнис и прават пари со енормно загадување на Вардар и природата, имаат време и да се закануваат. Повелете институции, постапете!“, се обрати тогаш пред новинарите градоначалничката Данела Арсовска.
Порталот Пари ги анализираше податоците на компанијата во соработка со Бизнис мрежа, каде што каде што воочи дека годината во која „Прогрес Компани“ има пријавено највисок приход е 2022, кога остварената сума достигнува 833,8 илјади евра. Оваа бројка значително отстапува од останатите години, каде што приходите се движат од околу 395 до 692 илјади евра, што создава сериозни сомнежи околу изворот на таквиот енормен скок. Истата година компанијата пријавува и највисока добивка – дури 173,3 илјади евра, што е повеќе од трипати повисоко од која било друга година.
Извор: Бизнис Мрежа
Во споредба помеѓу 2020 и 2021 година, вниманието го привлекува наглиот пад во финансиските резултати, кој отвора простор за прашања не само за економската ефикасност, туку и за карактерот на деловното работење во тој период. Во 2020 година, компанијата остварува приход од 692,6 илјади евра и добивка од 106 илјади евра – бројки кои сугерираат стабилна деловна активност, но и потенцијално добар финансиски резултат постигнат во услови кои сега, со оглед на сознанијата, може да бидат ставени под сомнеж.
Веќе во 2021 година, приходот паѓа драстично на 396,5 илјади евра, а добивката се сведува на само 21,5 илјади евра. Овој пад би можел да се интерпретира како резултат на отворање нова компанија кои продолжуваат да ги вршат нерегуларни активности.
Извор: Бизнис Мрежа
Од таа перспектива, годините каде што има раст во приходи и добивки се разгледува не како показател за финансиски успех, туку како можен врв на делување надвор од законската рамка. Според податоците од Бизнис Мрежа, бројот на вработени во „Прогрес Компани“ во текот на целиот петгодишен период останува речиси непроменет, континуирано движeјќи се околу десет лица, што укажува на кадровска статичност без значителни структурни промени. Истовремено, просечната плата во 2023 година изнесувала 320 евра, додека во 2024 година бележи зголемување од 26 отсто, достигнувајќи 405 евра.
„Прогрес Компани“ е основана во 2004 година од Ќазим и Ќамил Османовиќ, а дејноста и била изградба на патишта и автопати. Во архивски изданија на Службен весник на РМ може да се најде дека на компанијата тогашната влада на премиерот Владо Бучковски во 2006 година ѝ доделила концесија за експлоатација на песок и чакал од реката Пчиња во Долно Коњари.
Името на Казим Османовиќ, газдата на „Прогрес Компани“ во јавноста се појавува во април 2021 година, кога беше актуелен случајот со ископот на песокот кај Долно и Горно Коњари поради протестите на локалното население за прекумерна експлоатација на песокот, уништувањето на речното корито со што се загрозуваа нивните домови и снабдувањето со вода за пиење. Но, тогаш како концесионер се наведуваше компанијата „Еуро Прогрес Компани“ како ќерка фирма на „Прогрес Компани“, со истиот сопственик, Ќазим Османовиќ.
Протестите и интервенцијата на надлежните институции, Инспекторатот за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, резултираа со одземање на концесијата за експлоатација на песокот од Пчиња на „Еуро Прогрес Компани“, во сопственост на браќата Османовиќ, на 20 април 2021 година.
Според архивските извештаи од медиумите, презимето Османовиќ и двете компании – „Прогрес Компани“ и „Еуропрогрес компани“ се бавеле со ископ на песок и чакал на подрачјето на селата Долно, Средно и Горно Коњари на неколку локации по основ на добиена концесија или како подизведувачи. Во 2019, кога почнаа протестите во Средно Коњари, жителите се побунија поради затрупување на плодните ниви со песок од страна на компаниите кои го црпеа од Пчиња од страна на „Прогрес Компани, регистрирана во Долно Коњари, чиј сопственик, како што се наведува, е Ќазим Османовиќ. Во другата фирма која исто така копа на таа локација, „Еуро Прогрес“, Ќазим Османовиќ е управител, а сопственик е Ријад Османовиќ. За 360 Степени Османовиќ тогаш вака ја објасни својата инволвираност во случајот: „Во Горно Коњари работиме согласно проект на Водостопанство, тоа не е наш проект, ние сме подизведувачи. Но, за да се направат прагови, прво мора да се извади наносот.Нема да стигнеме да ја завршиме работата додека има активна дозвола, бидејќи имаше спор за сечењето на дрвјата, се чекаше одобрение. Во Долно Коњари, пак, работиме согласно добиената концесија“.
Редакција Пари
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.